Свет
13. December 2019 - 9:29

Корбин: Нема да ги предводам лабуристите на следните избори

Лидерот на британската Лабуристичка партија, Џереми Корбин, изјави дека нема да ја предводи оваа партија на следните избори по „многу разочарувачката ноќ“.

-Ова очигледно е многу разочарувачка ноќ за Лабуристичката партија, со резултатите што ги добивме. Нема да ја предводам партијата ни во каква идна предизборна кампања, рече Корбин, а пренесуваат британските медиуми.

Тој додаде дека Брегзит ја поларизира и подели дебатата во Велика Британија и дека ја поништи „толку нормалната политичка дебата“.

-Признавам дека тоа придонесе за резултатите кои Лабуристичката партија ги оствари вечерва ширум земјата, рече Корбин.

Конзервативната партија на Борис Џонсон оствари убедлива победа на вчерашните избори и обезбеди мнозинство во парламентот, со што е отворен патот кон реализација на Брегзит.

Според Би-Би-Си, конзервативците освоија 364, а лабуристите 203 пратенички мандати.