Свет
9. December 2017 - 20:29

Коптскиот патријарх ја откажа средбата со Мајк Пенс поради Ерусалим

Во знак на протест против одлуката на Вашингтон да го признае Ерусалим за главен град на Израел, патријархот на Коптската православна црква Тавадрос Втори го откажа состанокот со американскиот потпретседател Мајк Пенс, што требаше да се одржи во Каиро овој месец.

„Одлуката на претседателот на САД Доналд Трамп беше соопштена во несоодветен момент, која ги занемарува чувствата на милиони Арапи“, се вели во коминикето на коптската црква.

Поради ова, Патријархот одлучи да не се сретне со Пенс за време на неговата посета на Египет.

Одлуката е соопштено еден ден откако големиот имам на џамијата „Ал Азхар" исто ја откажа средбата со американскиот потпретседател Мајк Пенс во знак на протест против признавањето на Ерусалим за главен град на Израел.

Коптите се речиси 10 отсто од 93 милиони жители на Египет, каде муслиманите се мнозинство.