Координација за мандатот на градоначалниците кај спикерот Џафери во понеделник - партиите потврдија присуство
Преку координативна средба со парламентарните партии Талат Џафери во понеделник ќе се обиде да најде решение за мандатот на локалната власт.
Доколку биде постигнат партиски договор, Џафери не ја исклучува можноста уште истиот ден да биде закажана посебна собраниска седница за измени на законот за локална самоуправа и изборниот законик со што би се продолжил мандатот на градоначалниците.
На координацијата ќе присуствуваат претставници на сите политички партии, но и натаму со спротивставени ставови. Додека од ВМРО-ДПМНЕ нудат три датуми на кои би можело да се одржат локалните избори, од СДСМ бараат деблокирање на процесите за избор на нова Влада.
И на денешната прес-конференција од ВМРО-ДПМНЕ велат дека одржување на брзи и ефикасни локални избори е во интерес на граѓаните, а секое нивно одложување ќе значи бегање од избори и соочување со народот.
Во телефонски разговор портпаролот на СДСМ Петре Шилегов за Сител вели дека процесите во земјава ќе се облокираат единствено со формирање на нова Влада.
Институционалната блокада како и блокадата на целокупниот систем која што во моментов најрадикално се одразува во локалната самоуправа е резултат на целосната блокада на демократскиот процес и одбивањето да се изврши мирно примопредавање на власта. Оттука неопходно е претседателот Ѓорѓе Иванов час поскоро да го додели мандатот за состав на новата Влада за да почнат демократските процеси и да се решаваат сериозно напластените проблеми и на граѓаните и на државата и да се нормализира политичкиот и општествениот живот, вели Шилегов за Сител.
Локалните избори биле тема на разговор и на средбата на лидерот на ДУИ со италијанскиот амбасадор Карло Ромео, на која Ахмети истакнал дека неговата партија ќе ги поддржи измените на изборниот законик за да се овозможи нормално функционирање се до одржување на изборите и изборот на новата администрација.
Во пресрет на координацијата закажана за во понеделник, претставници на политичките партии и денеска одржаа состанок со Талат Џафери во Законодавниот дом на која биле разгледувани повеќе политички теми.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар