Македонија
10. July 2016 - 13:58

Контроли во угостителски објекти во Тетово и Гостивар

Тетовската полиција пронашла нож кај 17 годишен малолетник, кој заедно со уште еден малолетник биле затекнати од полицијата во угостителскиот објект „Баркод“ во Тетово како престојуваат подолго време од законски дозволеното, информираше портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.

Поради пронајдениот нож малолетникот во присуство на роднина бил повикан во Полициската станица во Тетово и по извршениот разговор бил пуштен.

Контролата во „Баркод“ во Тетово, како и во уште 7 угостителски објекти во Гостивар била спроведена вчеравечер во периодот од 22 часот до 3 часот по полноќ при што се контролирало дали во објектите престојуваат малолетници, дали им се служи алкохол  и колку објектите го почитуваат Законот за пушење. При тоа во седумте гостиварски објекти не биле констатирани прекршоци против јавниот ред и мир или спротивни на Законот за пушење.                

Јосифовски посочи дека согласно Законот за прекршоци против јавниот ред и мир угостителските објекти кои дозволуваат присуство на малолетници подолго од дозволеното време ќе се соочат со поднесоци и глоба која за овој вид прекршок се движи од 1.200 до 2.000 евра во денарска противвредност во зависност од тоа дали станува збор за физичко лице, трговец поединец,  или правно лице и плус 600 до 1.200 евра да одговорното лице.

Покрај ова со овој закон предвидена е и соодветна глоба за родителите на малолетниците од 600 до 800 евра, кои ќе бидат затекнати во угостителските објекти подолго од дозволеното време.