Фудбал
4. April 2016 - 16:16

Конте по ЕУРО 2016 седнува на клупата на Челзи

Премиерлигашот Челзи денеска потврди дека потпиша тригодишен договор со италијанскиот стручњак Антонио Конте, кој во клубот доаѓа по завршување на сезоната.
 
Конте во моментов е селектор на Италија, а таа функција ја напушта по завршување на Европското првенство.
 
- Чест ми е што ќе работам во клуб каков што е Челзи. Челзи и англискиот фудбал предизвикуваат интерес во целиот свет и горд сум што ќе бидам дел од клубот од Лондон. Навивачите на „сините“ имаат високи очекувања, а јас се надевам дека со игрите и резултатите ќе ги израдуваме и ќе ја оправдам довербата од раководството. Ми претстојат предизвици на ЕУРО 2016 со италијанската репрезентација, а потоа ќе се посветам на новата функција во Челзи, доволно престижна по селекторската функција во Италија, изјави Конте.
 
Тој е петтиот Италијанец што ќе го предводи тимот од „Стемфорд Бриџ“. Пред него менаџери на Челзи од Италија беа Роберто Ди Матео, Карло Анчелоти, Клаудио Раниери и Џанлука Вијали.
 
Оваа сезона на менаџерската позиција почна Жозе Мурињо кој по слабите резултати беше сменет со Гус Хидинк.