Македонија
15. October 2020 - 19:48

Конструктивен прв ден од разговорите - Гоце Делчев утре на маса

Првиот ден од работата на мешовитата комисија за историски прашања меѓу Македонија и Бугарија поминал во конструктивна атмосфера, што дава простор за напредок по отворените прашања, дознава Сител.

На деветчасовната средба не се разговарало во детали за Гоце Делчев, туку повеќе за општи работи и за рамката на дијалогот. На самиот крај, станало збор и за македонските учебници по историја за основно училиште, односно за усвојување на препораките кои се однесуваат на античкиот период.

Главната тема – чиј е Делчев е оставена за утре. Токму на ова прашање се закочи работата на Комисијата, чии членови веќе три средби не можат да најдат заеднички договор. 10-тата средба се одржува по речиси една година застој, а пред нејзиниот почеток и историчарите и политичарите изразуваа внимателност и резервираност во однос на нејзниот успех.

Пред тргнувањето за Скопје, од бугарскиот дел од Комисијата за Сител најавија дека доаѓаат со тврди позиции. Отстапки или компромиси не се термини кои ги користи историјата и токму затоа не можат да бидат клучот за решение во дијалогот за историјата меѓу Македонија и Бугарија, најавија бугарските историчари.

Неофицијално, тие инсистираат дека Македонија треба да признае дека Делчев бил Бугарин, додека пак од македонската комисија клучот за решение го гледаат во заедничко чествување, по примерот на останатите пет историски личности за кои е постигнат договор.

По завршувањето на дводневниот состанок, за утре во Клубот на пратеници е предвидена заедничка изјава за медиумите на двајцата претседатели на Комисијата, по што ќе се знае дали е постигнат напредок.