Македонија
3. May 2023 - 8:42

Конститутивна седница на работната група за изборни реформи

Во Клубот на пратениците денеска ќе се одржи конститутивна седница на работната група за изборни реформи формирана од Министерството за правда, која ќе треба да ги имплементира препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а паралелно да работи и на нов Изборен законик.

Претседателот на работната група, адвокат и поранешен претседател на Државната изборна комисија Александар Новаковски минатата недела за МИА изјави дека приоритетите за работа треба да ги утврдат сите членови заедно. 

- Приоритетите кои се ќе треба да ги утврдиме заедно сите. Јас само ќе ја предводам таа работна група, транспарентно мислам да се работи, за да се дојде до одредени усогласувања, прво со забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, кои се провлекуваа низ изборни циклуси и многу се исти, но секако не се превземаат навреме промени за да се усогласат. Исто така таму има и една забелешка во која се бара да се размисли и да се направи нов изборен законик, вели Новаковски.

Тој нагласува дека работата ќе ја извршува најодговорно и транспаретно, но и дека во оваа група ќе делува само како експерт. 

Од Канцеларијата на ОБСЕ во Скопје во пишана изјава за МИА изразија задоволство што, како што посочуваат, изгледа дека постои консензус меѓу сите политички чинители во земјата за потребата и подготвеноста за вклучување на техничките препораки на ОБСЕ/ОДИХР.

- Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) е посветена на демократски, фер и инклузивни избори, и ние континуирано ја поддржуваме Северна Македонија во подобрувањето на законодавната рамка и во зајакнувањето на капацитетите на Државната изборна комисија и другите релевантни институции. Мисијата на ОБСЕ во Скопје е задоволна што изгледа дека постои консензус меѓу сите политички чинители во земјата за потребата и подготвеноста за вклучување на техничките препораки на ОБСЕ/ОДИХР насочени кон создавање изборен систем во согласност со меѓународните стандарди. ОБСЕ останува посветена на обезбедување релевантна поддршка во тековниот процес, се наведува во писмената изјава за МИА од Канцеларијата на ОБСЕ во Скопје. 

Забелешките на ОБСЕ/ОДИХР се влезени и во Извештајот за напредокот на земјата на Европската комисија.  

Од Министерството за правда соопштија дека процесот на работа за реформи на изборното законодавство е инклузивен и во него се вклучени претставници на политички партии, невладини организации, синдикати, министерства и надлежни органи за спроведување на изборниот процес.

Во работната група има претставници од СДСМ, ДУИ, Алијанса на Албанците, БЕСА, Алтернатива, Левица и Демократски сојуз.

ВМРО-ДПМНЕ не делегира свој претставник во работната група. Пратеникот од оваа партија Антонио Милошоски  вчера рече дека тие прифаќаат изборен модел со една изборна единица и ја повика власта да излезе со решение, по што најави дека опозициската партија ќе се вклучи во утврдување на конечниот текст на изборниот законик.  

-Доколку власта не е подготвена за суштински измени за поголема демократизација на изборниот модел, а измените се однесуваат само на некои технички, важни, но сепак технички забелешки дадени од ОБСЕ и од ОДИХР ги поддржуваме, немаме ништо против, но не би учествувале во тој процес само за да му дадеме политички легитимитет без да имаме суштинско подобрување на изборниот модел, рече Милошоски.  

Во работната група покрај претставници на партиите ќе има и членови од МВР, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за информатичко општество и администрација, МОСТ, Цивил, Полио плус, УВМК, Државен завод за статистика, Централен регистар, Управен суд, Државна изборна комисија, Национален демократски институт, Здружение на новинари на Македонија и од Самостојниот синдикат на новинари на Македонија.