Македонија
10. September 2015 - 11:49

Конкурс за стипендии за талентирани ученици и студенти во Крива Паланка

Општина Крива Паланка распиша конкурс за доделување стипендии за талентирани средношколци и студенти.

За учебната/студиска 2015/2016 година ќе бидат доделени четири стипендии за средношколци и исто толку стипендии за студенти. Стипендијата е во висина од 3.000 денари месечно и ќе се исплатува девет месеци во годината.

Право на стипендија имаат кандидатите кои учат и студират во училиштата и факултетите во Македонија и се редовни ученици и студенти. Учениците треба да имаат континуиран одличен успех од 4,50, а студентите во претходните години на студии да имаат постигнато просечен успех над 8,50. За сите важи да имаат освоено награди за поединечно освоено прво, второ или трето место на меѓународни, државни или општински натпревари од областа на науката, техниката, културата, уметност и спортот, односно област соодветна на нивното образование.

За учениците од прва година средно училиште аналогно ќе се земат предвид досегашниот успех во образованието и добиените награди, а за студентите кои за прв пат се запишуваат во прва година на студии ќе се земат во предвид резултатите од досегашниот успех во образованието, како и претходно освоените награди. Ќе се земаат предвид и месечните примања по член на семејство во однос на просечно исплатена месечна нето плата по вработен за последните три месеци.

Услов е кандидатите да се жители на општина Крива Паланка и да не се корисници на стипендија или кредит од други установи, институции или компании, а студентите да не се постари од 25 години.

Барањата со потребните документи треба да се достават до општина Крива Паланка, а рокот за поднесување документи е од 21 септември до 2 октомври. Потребните обрасци може да се набават во општината или на веб страницата www.krivapalanka.gov.mk.