Македонија
27. July 2016 - 21:42

Коњаниците од Горно Лисиче го почнаа илинденскиот марш

Дваесет и седум коњаници од Горно Лисиче вечерва тргнаа на традиционалниот илинденски  марш кон Крушево каде што ќе стигнат на Денот на Републиката 2 Август - Илинден.  

Придружени од фаланга составена од дваесетина членови - играорци од КУД „Никола Јонков Вапцаров“, коњаниците тргнаа денеска попладне од паркот „Јане Сандански“ во Аеродром и, минувајќи низ главните булевари на општината, стигнаа во Горно Лисиче каде во црквата „Свети Петар и Павле“ добија благослов за претстојниот шестдневен пат. 

Организатор на манифестацијата е Здружението „Илинденски марш 1978“  од Горно Лисиче, а покровител на нејзиното годинашно, 38-мо издание, е премиерот Емил Димитриев. 

Тој во говорот истакна дека со оваа манифестација се зачувува споменот за славната илинденска генерација, искажа задоволство што со ентузијазам и емоции се чува една традиција и ги поздрави сите учесници на коњичкиот марш. 

- Тоа е дел од нашиот идентитет, тоа е дел од нашето постоење како народ, тоа е нашата историја, а како што вели една убава мисла: „Историјата е сведок на времето, светлина на вистината, живот на спомените, весник на минатото и учителка на животот“. Токму затоа, да ги чуваме и да ги пренесуваме на следните генерации спомените за славните илинденци, спомените за тоа како се сака и како се гине за Македонија, рече Димитриев, прогласувајќи го почетокот на „Илинденскиот марш 2016“. 

Сите трета

Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски во обраќањето на собирот рече дека маршот кон Крушево симболично значи марш кон слободата, марш за самостојна, обединета и слободна Македонија зашто, како што рече, во 1903-та вакви маршеви од цела Македонија биле упатени кон славното Крушево. Истакна дека маршот е оддавање почит кон сите кои во периодот на Илинденското востание ги дале своите животи за слободна Македонија. 

Перо Цаца, еден од 27-те коњаници кои заминаа кон Крушево, изјави дека настанот не е празник само за Горно Лисиче и за Општина Аеродром, туку и за Република Македонија.

- Ова е голем адет кој мора да си го исполниме, не заради нас и нашите илинденци од 1903-та, туку за нашите деца, за младите да не заборават кои се нашите корени, од каде потекнуваат, какви биле нашите војводи, што работеле, за што се бореле. Ние се трудиме колку  можеме да придонесеме младите да разберат кои сме ние, изјави Цаца, кој шеста година учествува во маршот. 

Коњаници 2

Признанија за учество во маршот добија и здруженија од други општини од Македонија. Собирот во Горно Лисиче за испраќање на коњаниците кон Крушево продолжи со огномет, со народни песни и ора и настап на  пејачи од естрадата.