Свет
29. May 2016 - 15:02

Конфликт во германската владина коалиција поради трговскиот договор со САД

Германската владина „Голема коалиција“ е пред нов сериозен судир откако вицеканцеларот и министер за економија Зигмар Габриел јавно ја критикуваше Ангела Меркел за поддршката за договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и САД (ТТИП), јави дописникот на МИА од Берлин.
 
Габриел, кој е лидер на Социјалдемократите (СПД) смета дека Меркел е во грешка околу придобивките за Европа од договорот особено околу животната средина и работничките права. Лидерот на СПД смета дека ТТИП  ќе дозволи мултинационалните компании да ги негираат надионалните закони со помош на специјални судови каде ќе докажуваат дека почитувањето на домашното законодавство е штетно за нивниот профит.   
 
- СПД не сака да биде дел од лош договор. Канцеларката погреши што во еуфоријата за време на посетата на Обама најави дека преговорите можат да завршат годинава“ изјави Габриел. 
 
Реакцијата на Габриел доаѓа по средбата на Г-7 најразвиени нации на светот кои се го поддржаа договорот се додека тој е амбициозен, целосен, со високи стандарди и корисен за сите. 
 
Околу 70 проценти од Германците сметаат дека „Трансатланскиот трговски и инвестициски договор“ носи повеќе непријатности отколку придобивки, што беше причина и за протести на десетици илјади луѓе за време на посетата на американскиот претседател Обама на Хановер минатиот месец.
 
Вчера координаторот на пратеничката група на партијата на Меркел ЦДУ Фолкер Каудер апелираше до својата партија да ја запре практиката на формирање на така наречена „Голема коалиција“ со партијата  на Габриел затоа што според него австриското искуство покажало дека владиниот сојуз од двете најголем партии ги заморува гласачите.