Свет
11. December 2015 - 8:36

Конференцијата за климата во Париз се одложува за утре кога ќе биде претставен конечниот нацрт-договор

Претставувањето на конечниот нацрт-договор за конференцијата на ОН за климата во Париз се одложува за утре изутрина, соопшти извор од француското претседателство на конференцијата.

Претпочитаме да си дадеме време за консултации со делегациите преку целиот ден, пред да го доставиме конечниот текст на договорот за борба против глобалното затоплување, рече изворот.

Претходно, францускиот министер за надворешни работи Лоран Фабијус изјави дека преговарачите се „многу близу“ за постигнување на конечен нацрт нов глобален договор за климатските промени.

Фабијус рече дека е остварен напредок за некои спорни прашања, иако уште постојат несогласувања.

Шефот на француската дипломатија претстави нов нацрт договор од 27 страници, што е за две страни помалку од претходната верзија.

Преговарачите се усогласија за долгорочната цел глобалното затоплување да се држи „значително под“ два степена, како и оти целта на Владата е што попрво да се договорат за највисоко ниво на емисии на штетни гасови.