Македонија
11. November 2015 - 17:11

Конференција за заштита на жените жртви на родово насилство

Националниот совет за родова рамноправност денеска во Скопје повика за ратификување на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство.

Савка Тодоровска, претседателка на Националниот совет за родова рамноправност (НСРР), на денешната конференција „Заштита и поддршка на жените жртви на родово базирано насилство - моментални состојби и добри пракси” нагласи дека главна цел на настанот е ратификување на Конвенцијата на Советот на Европа што ќе претставува исчекор напред за Македонија.

- Се залагаме и за подобар процент на жените во структурите на одлучување од 30 на 40 отсто и особено заштита на жртвите на семејно насилство, како и казнување на сторителите, истакна Тодоровска.

Согледувањата на НСРР, според Тодоровска, покажуваат не дека има назадување на женските права, но дека тие се оставени на истото стојалиште каде што биле, додека другите земји бележат напредок и ние остануваме на незавидно место.

- Македонија во однос на родовите прашања отиде 50 места подолу и сега се наоѓа на 70. место, наспроти лидерската позиција пред десетина години. Женското движење во Македонија од 1991 година напредна во процесот и беше лидер во регионот пред десет години. Постигнавме 30 проценти квота, отворање на СОС линии на НВО сектор, проблемот да го поставиме и во државните институции за прифаќање на жртвите на семејното насилство, а истовремено ги ставивме и женските студии на факултетите. За жал во последните десет години не само државата, туку и меѓународниот фактор согледувајќи ги постигнатите резултати направиле родовите прашања да не бидат приоритет, рече таа.

НСРР од 25 ноември започнува кампања за повик до Владата за ратификување на Конвенцијата против насилството врз жените, чиј потписник е од 2011 година. За таа цел, порача Тодоровска, се изработени поштенски картички адресирани до Владата, како и видео спот. 

Конференција е организирана како дел од регионалниот проект “Со здружени напори – кон новите Европски стандарди во заштитата на жените од родово базирано насилство”, финансиран од Европска Унија. На конференцијата учествуваа и претставнички на партнер НВО организации од Словенија, Хрватска, БиХ, Србија, Црна Гора и Македонија.