Македонија
13. December 2018 - 16:28

Конференција за религијата и политиката - брак од интерес поради кој настапува и насилство

Меѓусебното влијание на политичките и религиските процеси во Македонија, изминативе години личи на брак од интерес, и е причина за дополнителни конфликти во општеството. Македонија е мултиконфесионална земја, но во оној момент кога верските разлики ќе добијат политичка основа, добиваме тажен епилог пропратен со насилство, констатираа учесниците на дебатата посветена на спрегата меѓу политиката и религијата.

Верските заедници и религиозните групи во Македонија се користат во политиката во зависност од дневниот интерес, вели професорот Ѓуровски. Според него една од придобивките на европската ренесанса кон која се стерми нашата земја е јасната поделба меѓу политиката и религијата.

Населението во Македонија е со висока стапка на религиозност, но и општество со висок процент на партизираност и политизираност, вели првиот човек на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи. Поради тоа, Сотировски смета дека политиката треба да ги тргне рацете од религијата, но и религијата да не влијае врз политичките текови.