Бизнис
29. јуни 2017 - 13:58

Конференција за рециклирање текстилен отпад

Како да се постапи со текстилниот отпад за тој да не заврши на депониите, царинските процедури и можните решенија за негово третирање и рециклирање. За овие теми денеска дебатираат македонски и холандски ескперти на конференцијата што ја организараат „ЕПИ Центар Интернационал“ од Скопје, Текстилниот кластер при Стопанската комора на Македонија, Холандската стопанска комора, УСАИД и Холандската амбасада во Македонија. 

Министерот за финансии Драган Тевдовски нагласи дека се бара решение на еден реален проблем што го имаат текстилните компании во Македонија со текстилниот отпад од лон производство. 

- Во момонетов текстилните компании немаат правна можност да го откупат отпадот по пониски цени од цените кои се користат при царинење во регуларна постапка. Како последица, текстилните компании пристапуваат кон одлагање на отпадот во депонија, а пропуштената можност за рециклажа на отпадот доведува до загадување на животната средина, рече Тевдовски. Додаде дека ќе ги ислушаат искуствата на присутните експерти и нивните сугестии за решавање на овој проблем. 

Тој истакна дека новата реформска Влада е решена да ги поддржи малите и средни претпријатија во Македонија, кааде, како што рече, серизоно место заземаат текстилните претпријатија. 

- Вие долго време бевте заборавени од економската политика. За нас е многу важно вашите компании да растат и да се развиваат, додаде Тевдовски. 

Холандскиот амбасадор во Македонија Волтер Пломп истакна дека животната средина страда од многу депонии, што, како што рече, е многу важно за јавното здравје и за развој на туризмот. 

- Овој отпад може да биде претворен во профит, може да се искористи како ресурс за ново производство и може на македонската текстилна индустрија да и помогне да стане поконкурентна и да овозможи повеќе работни места во иднина, рече Пломп. 

Директорот на „ЕПИ Центар Интернационал“ Љубомир Димовски информира дека денешната конференција е во рамки на Проектот на УСАИД - Партнерство за подобра бизнис регулатива. Истакна дека проблемот со текстилниот отпад бил идентификуван како еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат претпријатијата, пред се во текстилната индустрија.

Димовски посочи дека ангажирале странски експерти кои се поврзани со царинското работење во ЕУ и со рециклирање на текстилниот отпад, како и релевантни локални експерти кои во изминатиот период направиле истражување на состојбите во оваа област во Македонија. Изрази надеж дека ќе најдат решенија за овој проблем. 

На конференцијата присуствуваа меѓународни и домашни експерти, претставници од Министерството за финансии од делот на царинска политика и од Царинската управа.