Македонија
3. November 2015 - 15:04

Конференција за промоција на културното наследство од Првата светска војна

Културното наследство од периодот на Првата светска војна и развојот на меморијалниот туризам ќе бидат промовирани на Меѓународната конференција што ќе се одржи на 5 и 6 ноември во Скопје, во организација на Центарот за научно истражување и промоција на културата ХАЕМУС.

Конференцијата „Првата светска војна во колективната меморија - Размена на искуства на Балканот“ е предвидено да ја отвори амбасадорката на Франција Лоранс Оер.

Василка Димитриовска, директор на ХАЕМУС, на денешната прес-конференција нагласи дека треба да се работи напорно на истражување на нашето културно наследство, за негово објавување и промовирање, со цел тоа да се продава како меморијален туризам.

- Конференцијата ќе придонесе за создавање на некои домашни архиви на материјали, како и размена на меѓународни искуства. Наша цел е еден ден да го видиме целото културно наследство долж Македонскиот фронт во трите држави Македонија, Албанија и Грција на листата на УНЕСКО. Ако тоа можеле да го сторат Германија и Франција секако дека можеме и ние, изјави Димитриовска.

На територија на Македонија се случиле некои од најголемите битки во кои загинале илјадници војници од многу националности и религии. За време на Првата светска војна француската армија била стационирана на сегашната теритрија на Македонија и се уште се видливи рововите и воените комплекси дури и сто години подоцна, особено на територијата на Новаци. Архитектонските остатоци на местата каде што овие битки се воделе ги сочинуваат физичките остатоци од значајните точки на македонската, но и на европската и светската историја.

- Поради заедничката историја која ја споделуваат Франција и Македонија, соработката помеѓу Долна Нормандија и Македонија реши да посвети дел од својата програма на оваа клучна област. Планирани се научни истражувања и теренски активности за сочувување и вреднување на културното наследство од Првата светска војна и промоција на меморијалниот туризам во Македонија, рече Галина Ивановска, претставник на Асоцијација на агенции за локална демократија АЛДА.

Соработката меѓу Долна Нормандија и Македонија, истакна Ивановска, се стреми културното наследство останато од Првата светска војна во Македонија да здобие на видливост на интернационално ниво и да биде препознаено како едно од клучните места со историско наследство.

Во рамките на конференцијата ќе се одржи тркалезна маса на тема „Прва светска војна во Македонија, потенцијал за развој на меморијалниот туризам“, изложба на Францускиот  Институт инспирана од Големата војна, како и базар на ракотворби со мотиви од Првата Светска Војна.

Конференцијата се одржува во рамките на Соработката помеѓу Регионот Долна Нормандија и Република Македонија, во соработка со Асоцијацијата на агенции за локална демократија (АЛДА) и со поддршка на Министерството за надворешни работи на Франција и Регионот Долна Нормандија.