Македонија
9. March 2018 - 8:32

Конференција за концептот „паметни градови“

Концептот на паметни градови, како алатка за подобрување на животот во урбаните средини, ќе се разгледува денеска на  национална конференција, што ќе се одржи во Скопје, во организација на Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“.

Како што истакнуваат организаторите, овој концепт е и алатка за подобри можности за економски раст и развој на државата преку градење на одржливи урбани средини во чие создавање ќе учствуваат локалните власти, индустријата и граѓаните подеднакво.

Светската урбана популација е во постојан пораст и се очекува до 2050 година 70 отсто од светската популација да живее во урбани средини. Токму заради ова многу градови во светот веќе ја согледаа потребата од користење иновативни технологии и мултисекторски пристап кој со себе носи и барање за соработка на сите засегнати страни во насока на подобрување на условите за живот во урбаните средини.