Македонија
2. November 2016 - 13:18

Конференција за енергетска ефикасност на Град Скопје

Набавка на 50 нови електрични автобуси кои ќе бидат замена за трамвајот во Скопје, е планот за наредниот период со кои ќе се намалат стакленичките гасови во градот.

Ова денеска го истакна градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски на конференцијата  „Денови на енергетска ефикасност на Град Скопје-2016“ при презентацијата за достигнувањата на Градот во сферата на енергетската ефикасност.

- Ние како Град Скопје ги следиме европските трендови и гледаме дека електричните автобуси стануваат составен дел на јавниот превоз во повеќе европски градови. Кога направивме математика еден од тие зглобни електрични автобуси чини околу 600 илјади евра. Ако ние купиме 24 такви ќе не чини околу 14 до 15 милиони евра што е многу голема разликата од 180 милиони евра колку што би чинел трамвајот, истакна Трајановски.

Градоначалникот нагласи дека Скопје е еден од првите градови во Југоисточна Европа кој централно го регулира сообраќајот.

- Тоа е Центрот за управување и контрола на сообраќајот кој Градот Скопје го чинеше три милиони денари. Со адаптивна контрола повеќе од 95 проценти од крсниците на градот се управуваат во еден Центар. Таа контрола придонесува за променливо зелено време и возилата помалку да се задржуваат на крстосниците, рече Трајановски. 

Градоначалникот пред присутните сподели едно негово искуство на средба со градоначалникот на Париз на која што го прашал каде паркираат граѓаните на Париз. Тој му одговорил дека тоа не бил поблем на градоначалникот туку тоа бил проблем на граѓаните. За да купеле автомобил парижани прво требало да обезбедат паркинг простор, а кај нас било обратно, односно, како што рече Трајановски, секој член од семејството да си има по еден автомобил и кога одат на работа секој сам оди со возило. - Тоа е нашиорт менталитет, рече Трајановски и побара од повозрасните да поработат на менталитетот на младите генерации и да им пренесат европски навики за поздрава животна средина.

На конференцијата беа доделени сертификати за енергетски советници на 10 ученици од ЕТУЦ „Михајло Пупин“ од Скопје, а свои презентации имаа неколку општини од Скопје за применети мерки за енергетска ефикасност.

Во рамките на Деновите на енергетска ефикасност, утре во хотел „Карпош“ ќе се одржи обука за ефикасна потрошувачка на енергија за раководните лица од објектите под ингеренција на Град Скопје, а во петок, на плоштадот Македонија ќе се организира Отворен ден за граѓаните на  Скопје, каде ќе биде лоциран инфо-пулт со информативни материјали со акцент на енергетска ефикасност на Град Скопје.