Македонија
6. July 2017 - 12:45

Конференција - преку подобро прибирање податоци до подобри енергетски политики

Инвестирањето во обновливи извори на енергија не е само економски оправдано, туку  и конкурентно во однос на инвестирање во нови производни капацитети на јаглен. Македонија како увозно зависна земја треба да ја користи енергетската ефикасност, но за таа да се искористи поефикасно треба да се работи на подобрување на прибирањето на податоците.

Ова беше посочено на денешната Регионална конференција „Енергетска ефикасност - Управување со податоци“ во рамки на проектот на ЕУ МултЕЕ, организиран од Здружението МАЦЕФ - Центар за енергетска ефикасност на Македонија, Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ) и Агенцијата за енергетика на Република Македонија.

Директорот на Агенцијата за енергетика на Република Македонија Александар Дуковски истакна дека во Македонија податоците не се ставени во никаква дигитална форма и оти Конференцијата е чекор напред како сето тоа да се направи преку една ИТ алатка за тоа да функционира поефикасно.

- Енергетска ефикасност е првото гориво што треба да се исползува особено во земји кои се увозно зависни. Прибирањето податоци во однос на тоа кои проекти и какви проекти се веќе имплементирани во земјата е нешто што на сите земји им е проблем. Како институции внатре во државите ги немаме сите податоци дали некоја фабрика има имплементирано мерки за енергетска ефикасност, како ги има имплементирано, кои се ефектите, за да можеме потоа да правиме генерално планирање на енергетиката. Ако знаете кој ќе ви биде конзумот во наредната година или конзумот за наредните пет години вие можете поефикасно да ја планирате енергетиката, изјави Дуковски.

Посочи дека Македонија ги дели истите проблеми со земјите од регионот и оти еден од приоритетите е соработката и размена на искуствата.

Константин Димитров од МАЦЕФ истакна дека целта на денешната Конференција е да се здружат и да ги пренесат достигнувањата со една посебна алатка која на државата ќе и помогне да ги следи резултатите од мерките за енергетска ефикасност, успешно да ги контролира спроведувањето и да ги потврди резултатите.

Смета дека треба да се инвестира во обновливи извори на енергија и оти како поминува времето се повеќе се покажува дека инвестирањето во  обновливи извори  е економски оправдано и може на таков начин да бидат конкурентни во однос на новите производствени капацитети што би се граделе на јаглен со скапите системи за филтрирање и прочитување. - Верувам, рече, дека за 10 години цената на електрична енергија произведена од обновливи извори ќе биде поприфатлива од она што се произведува од јаглен во Европа.

Според него, за 10 години ќе има такви технологии за производство на електрична енергија од обновливи извори кои ќе можат и најмала брзина на ветерот да ја претворат во електрична енергија.