Македонија
13. November 2017 - 9:15

Конференција „Креативна Европа на ЕУ – поттик за културна соработка“

Конференција на тема „Креативна Европа на ЕУ – поттик за културна соработка“ ќе се одржи денеска во Скопје, во организација на Министерството за култура во соработка со Извршната агенција за образование, аудиовизуелна дејност и култура при Европската комисија (Сектор за култура).

На конференцијата ќе се обратат министерот за култура Роберт Алаѓозовски, кој ќе говори на темата „Патот на Западен Балкан кон ЕУ: Културата има своја улога“, како и шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар, кој ќе говори на темата „Зошто културата е важна за Европската унија?“, раководителот на Секторот за култура од Извршната агенција за образование, аудиовизуелна дејност и култура при Европската комисија, Карел Бартак.

Програмата „Креативна Европа“, како инструмент на ЕУ наменет за реформи во културниот, креативниот и аудиовизуелниот сектор, со својата комплексност опфаќа повеќе аспекти на европската културна соработка која се спроведува во рамките на актуелните политики на ЕУ, како што се надворешната политика, регионалната соработка, политиката за проширување, културната дипломатија и сл.

Во оваа насока, во рамки на конференцијата детално ќе бидат разгледани овие теми со цел до македонските културни оператори да се приближи комплексниот контекст на програмата и нејзината улога во евроинтеграциските процеси.

На конференцијата ќе биде опфатен и практичен дел којшто се однесува на досегашните резултати од спроведувањето на програмата на европско ниво, како и тековните повици за аплицирање за потпрограмите „Култура“ и „МЕДИА“. Во рамки на овој дел првпат ќе учествува Бартак кој директно ќе ги пренесе ставовите и критериумите на Извршната агенција до македонските оператори.