Македонија
10. March 2016 - 12:45

Конференција: Корупцијата ги поткопува економијата и владеењето на правото

Корупцијата претставува сериозен правен ризик и ризик за угледот на правните лица во приватниот сектор, а предизвикува значителни штетни последици врз развојот на економијата со попречување на долготрајни странски и домашни инвестиции, нагласи министерот за правда Аднан Јашари, на денешната конференција „За усогласено управување и превенција на корупција во приватниот сектор“, во рамки на твининг проектот „Поддршка за ефикасна превенција и борба против корупцијата“, финансиран од ЕУ. 

Јашари потенцира дека Министерството за правда прави напори во државата да се создаде правна инфраструктура усогласена со сите меѓународни документи, со цел да се зголеми ефикасноста во борбата против корупцијата. Го спомена Законот за заштита на укажувачи, кој почнува да се применува од средината на овој месец и изрази надеж дека ќе се постигнат позитивни резултати. Целта на овој закон, истакна министерот Јашари, е заштита на сите укажувачи како во приватниот, така и во јавниот сектор, со што ќе се подобри борбата против корупцијата и ќе се создаде подобра клима за странски вложувања.

На новинарско прашање дали со оглед на досегашните резултати на Државната комисија за борба против корупцијата потребно е оваа комисија да се постави на нови темели, министерот Јашари одговори дека ДКСК можеби не е на некој начин доволно ефикасна или не е она што сите го посакуваме, меѓутоа, смета  дека во рамки на законот во чии рамки се уредува нејзината организација и надележност, ДКСК прави напори да се сузбиваат сите феномени кои се сметаат како коруптивни. 

Според амбасадорката на Германија, Кристине Алтхаузер, нема да успее искоренувањето на корупцијата во јавниот сектор, ако приватните компаниии кои нудат услуги на државните и јавните институции не се свесни за последиците од корупцијата.

Корупцијата, подвлече таа, е кривично дело кое го загрозува слободниот пазар и фер конкуренцијата и доколку стане ендемична има потенцијал да ја поткопа економијата, владеењето на правото и да предизвика сиромаштија и проблеми и потешкотии за граѓаните. 

- ЕК има побарано повеќепати сите случаи поврзани со корупцијата, вклучувајќи ги и тие кои се поврзани со високи финкционери и политичари да бидат темелно истражени на транспарентен начини во согласност со постоечките правила и регулативи, истакна Амбасадорката на Германија во Република Македонија и додаде оти е потребен неселективен пристап и еднаква правда за сите, како предуслови за функционална демократија.

Амбасадорката Алтхаузер пред присутните потсети дека Македонија како членка на ОБСЕ се обврзала да ја гарантира независноста на судиите и да обезбеди непристрасна работа на судскиот систем.

- Последните приговори од СЈО за намерни блокади од страна на судовите и другите јавни институции се вознемирувачки и високо алармантни знаци дека судскиот систем во државата се соочува со огромен предизвик. Истовремено судиите, јавните обивнители и персоналот во судството имаат извонредна можност да ја покажат нивната независнсот и професионализам во обработката на потенцијалните случаи и корупција на високи нивоа и злоупотреба на овластувањата во согласност со европските стандарди, порача германската амбасадорка. 

Аиво Ораф, шеф на делегацијата на ЕУ, меѓу другото истакна дека корупцијата спречува напредок, ја поткопува демократијата и носи неправди.

- Во економски услови корупцијата е противтежа на иновацијата и на претприемачкиот дух. Добро е познато дека корупцијата во бизнисот ја поттикнува и зајакнува корупцијата во владата и во самиот политички систем. Борбата против корупцијата е еден од најважните предпристапни барања за членство во ЕУ, рече евроамбасадорот Орав. 

Модераторот на конференцијата Игор Тануровски, констатира дека системот за усогласено управување претставува еден вид мост меѓу стопанството и јавниот сектор. Според него, земјите треба да градат правни и институционални механизми за спречување на корупцијата во приваниот сектор, а во самите претпријатија треба да се воведуваат и развиваат соспствени механизми за јакнење на нивниот интегритет, како што се кодекси на деловно работење, корпоративно работење, подобрување на претприемачката култура....