Македонија
13. јуни 2016 - 8:56

Конференција iProceeds за ЈИЕ и Турција

Евроамбасадорот Аиво Орав, министерот за внатрешни работи Митко Чавков и јавниот обвинител Марко Зврлевски денеска во Охрид ќе ја отворат iProceeds конференцијата на Европската унија и Советот на Европа за Југоисточна Европа и Турција.

На конференцијата, околу 80 кривични судски претставници, експерти за компјутерски криминал и претставници од финансиските институции и даватели на услуги ќе дискутираат за конкретни чекори што треба да се преземат за посилна јавна/приватна и меѓународна соработка за подобрување на финансиските истраги и конфискација на приносите од криминалот што се извршува онлајн.

Теми на конференцијата се учествување на носителите на одлуки и проектните тимови во активностите на iPROCEEDS проектот, претставување нацрт-извештај за состојбата на мерки против компјутерскиот криминал и откривање, заплена и конфискација на приноси од компјутерскиот криминал, како и мерки за спречување перење пари преку интернет во областите/земјите каде што се имплементира проектот, постигнување договор за работен план на проектот, иницирање специфични проектни активности.

Конференцијата ќе се состои и од сесија за претставници на националните капацитети и потреби поврзани со компјутерскиот криминал, таргетирање на криминалните приноси и спречување перење пари на интернет, регионална работилница на приватното/јавното споделување на информации помеѓу институциите од финансискиот сектор, единиците за компјутерски криминал и другите засегнати страни, регионална работилница за меѓународна соработка.

Заедничкиот проект на Европската унија и Советот на Европа за таргетирање на криминалните приноси од интернет во Југоисточна Европа и Турција (iPROCEEDS) во рамките на Инструментот за претпристапна помош (ИПА) започна на 1 јануари 2016 година и ги опфаќа Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Република Македонија, Турција и Косово. Посебна цел на проектот е да се зајакнат капацитетите на властите во регионот на проектот за пребарување, запленување и конфискација на приносите од компјутерскиот криминал и спречување перење пари на интернет.