Македонија
13. November 2019 - 8:26

Конечната одлука за преговори во мај, сите опции се отворени

Претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски по билатералната средба со францускиот претседател, Емануел Макрон, вчера, на маргините на Парискиот мировен форум, порача дека се согласува со реформа на методологијата за претпристапните преговори, како што бара Париз.

Ова е една од пораките кои вчера шефот на македонската држава му ги пренел на Емануел Макрон.

Франција ги блокираше Северна Македонија и Албанија на последниот Европски Совет повикувајќи се на потребата да се смени претходно методологијата на преговорите, таа да стане реверзибилна и помалку бирократска.

-Нека ја менуваат како сакаат, ние стоиме зад принципот на реверзибилност. Дури во еден момент му реков дека и како полноправна членка кога би биле, да нѐ исклучите од членство во ЕУ, слободно направете го тоа, не ми е интерес мене да бидам членка таму, а да не бидам демократија, изјави претседателот Пендаровски за медиумите.

Според Пендаровски, Франција веќе поднела неформален предлог (нон-пејпер) до земјите членки на ЕУ за реформата на методологијата на пристапните преговори за членство, реформа која Макрон ја бара пред да даде зелено светло за Северна Македонија и Албанија.

Претседателот Макрон веќе почнал со расчистување на новата методологија, тврди Пендаровски.

-Тие имаат предложено „нон-пејпер“ до земјите членки пред една недела, и очекуваат во наредните месец, два, сѐ да заврши со коментари од другите земји членки, евентуално амандмани. Начелно тој мисли дека методологијата најдоцна треба да биде усвоена до март, изјави Стево Пендаровски по средбата со шефот на француската држава.

Пендаровски вели дека Макрон му рекол дека би можело да се очекува конечно одлука за отворање преговори во мај на Самитот во Загреб, но не му дал гаранции дека таа одлука ќе биде позитивна.

-Сите опции се отворени со тоа што Макрон на средбата децидно кажа дека одлагањето  е затоа што на ЕУ им треба повеќе време. Тој ми рече „моја стара заложба е продлабочување на ЕУ и промена на методолгијата, знам дека можат да одат паралелно, вие сега сакате само отворање тоа ми е јасно“, му рекол Макрон на Пендаровски и во ниту еден момент не му споменал дополнителни реформи, ниту законот за обвинителство како услов за отворањето преговори.

Македонскиот претседател за време на средбата инсистирал на тоа дека Северна Македонија не прифаќа никаква друга алтернатива на полноправното членство во ЕУ, со што се согласил Емануел Макрон.

-Прецизно ми рече дека никогаш не била неговата намера да ни даде алтернатива на полноправно членство, само сака да го подобри процесот, да не продуцира само бирократски успеси а суштински неуспеси, рече Пендаровски.

Шефот на македонската држава и соопшти на јавноста и дека Емануел Макрон планира да ја посети Северна Македонија во првите шест месеци од идната година.

Пендаровски вчера учествуваше на Парискиот мировен форум, заедно со бројни други шефови на држави влади, министри, претставници на граѓанското општество, меѓународните организации и медиумите.

На маргините на Форумот тој оствари средба и со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, како и со австриската канцеларка, Биргит Бирлајн.

Пред крајот на денот, претседателот одржа кусо предавање посветено на безбедносните предизвици во регионот, со фокус на Охридскиот рамковен договор. Одговарајќи на прашања на присутните поврзани со француската блокада, Пендаровски повтори дека Макрон е „апсолутно во право“ во неговите барања, поради тоа што “дури и некои земји членки не ги почитуваат највисоките стандарди на ЕУ“.

Осврнувајќи се на Преспанскиот договор, тој порача дека промената на името не е поврзана само со ЕУ, туку дека таа ги отвора и вратите за НАТО.

“Промената на името не е без ефект“, рече претседателот, додавајќи дека членството во НАТО во овој момент е поважно од ЕУ од безбедносни причини, но и од економски, бидејќи “безбедноста е клучна за економскиот развој“, рече тој.

Пендаровски очекува Северна Македонија најдоцна во првиот квартал од 2020 да се зачлени во Алијансата.

Запрашан за бугарската поддршка во ЕУ, Пендаровски изјави  дека Бугарија останува и формално и неформално еден од најголемите поддржувачи на Северна Македонија во ЕУ и покрај информациите кои се појавија во медиумите.