Македонија
3. November 2019 - 8:32

Концертите како современ начин на заштита на културното нематеријално наследство

Концертот на Здружението на Срби и Македонци КУД „Бранко Чајка“ од Тетово што се одржи вчера е наша главна активност во насока на заштитата на недвижното, движното и нематеријалното културно наследство, порачаа од Здружението. Во рамки на проектот Експериментално-едукативна работилница за фолклор“ здружението спроведе и низа активности во чиј фокус беа фолклорните компоненти, а концертот завршна програмска активност.

-Задача на овој проект беше членовите на фолклорната секција на Здружението, покрај основните чекори и кореографија, да научат и нешто повеќе за фолклорот, за значењето на поимот фолклор, за карактеристиките на македонскиот и српскиот фолклор, за потеклото и значењето на ората кои ги играат. Во тој дел предавања одржа Ненад Вукојичиќ, етномузиколог и член на оркестарот на Здружението. Снежана Ефковска, кореограф на фолклорната секција на Здружението го водешеа делот на работилницата на кој се изработуваа делови на народните носии: машни, венчиња, шарени торбички, појаси и слично. Тука Здружението оствари соработка со Основното училиште „Вук Караџиќ“ од Дољевац, Република Србија и се вклучи во нивниот проект „Плетемо торбицу за Добрицу“ (во чест на поетот Добрица Ериќ), и изработените шарени торбички се испратени во училиштето во Дољевац на продажна акција, истакна претседателката на Здружението, Соња Андонов.

Покрај оркестарот и фолклорната секција на Здружението на Срби и Македонци КУД „Бранко Чајка“ од Тетово вчерашниот концерт го збогатија и гости од Србија. Настапија членовите на пеачката група на Здружението на Македонци „Јабука“ од Јабука, како и изведбата монолози и песни од делото „Коштана“ на актерот Драган Станковиќ од Народниот театар „Бора Станковиќ“ од Врање и Тијана Вучковиќ, вокален солист од истиот град.

Фолклорната секција на КУД Бранко Чајка настапи со „Билјана платно белеше“ и „Тресеница“ , а оркестарот и вокалниот солист Драгиша Аврамовски, со песните за тетовските убавици-Трпана, Епса Димушева, Ѓорушица, Благуња Пожаранка, Аџи Зора и други.