Македонија
10. August 2018 - 8:18

Концерт на пијанистот Роберт Баша и Изложба „Зад виножитото“ денеска на „Охридско лето“

Фестивалот „Охридско лето“ програмата ја продолжува со концерт на албанскиот пијанист Роберт Биша во црквата „Света Софија“, како и со Изложбата на дела на Калина Брајковска насловена „Зад виножитото“ во Центарот за култура „Григор Прличев“.

За Роберт Биша критиката вели дека е неверојатно талентиран пијанист и композитор, генијален импровизатор и еден од најталентираните мултиинструменталисти денес. Неговата музика е современа, со елементи на авангардниот џез. Свири на електрично пијано, правејќи ремиксови на оригинална музика, имплементирајќи ги техниките на класичната музика со современи хармонии и елементи на богатиот албански фолклор.

Полифоната вокална музика е се уште актуелна во Албанија, а во 2005 година е прогласена за ремек-дело на нематеријалното културно наследство на човештвото од страна на УНЕСКО. Албанскиот „Исо-полифон хор“ е најголемиот претставник на различни музички стилови од јужна Албанија. Зборот „исо“ го претставува т.н. дрон (придружба, каде еден тон или акорд постојано звучи низ целата композиција), кој може да се пее континуирано или ритмички спротивно од останатите мелодии. Ваквите композиции претежно ги изведуваат машки гласови на најразлични социјални случувања. Традиционално, исо-полифоното пеење од јужните делови на Албанија се пренесува „од колено на колено“.

За уметничката Калина Брајковска пак критиката вели дека со радост им пркоси на обликот и формата. Горјан Ѓорѓиев за нејзината поставка „Зад виножитото“ ќе рече оти главен нејзин сегмент е полната колоритна линија која е пуштена на слобода, во потрага по нови форми на психологијата на виденото… Колоритот го нагласува карактерот и времето за себе, создавајќи форми на ослободени фигури.

„Сликата сама по себе носи симбол и знак кој означува различни типови на знаци сумирани во визуелен настан. Карактерот на сликата соодвествува на идејата дека уметницата е во потрага по мотиви во сопствениот естетски двор.Таа е свесна дека сликата е видлив израз во кој треба да се открие длабочината на душата отелотворена во личната уметност. Сликите претставуваат апстрактни одеци кои постануваат интересно искуство на време, настан и чувствување… Изразот не го поврзува гледачот со совршенството туку со отворените феномени што влегуваат во визуелната уметност. Ведрината, упорноста и квалитетот на ликовниот израз на Калина остава длабок впечаток. Моја искрена препорака до публиката е – Погледнете убаво… има што да се види! “, вели Ѓорѓиев.

Калина Брајковска, дипломирала на Филозофскиот факултет на отсек историја на уметност со археологија со висок просек. Живее и работи во Скопје, се занимава со применета уметност (дизајн) и сликарство од мала возраст. Реализирала повеќе изложби од кои позначајни се: групна изложба во галеријата на НЛБ Банка, дизајн на парчиња облека на неделата на дизајн во Куршумли Ан – Скопје, изложба во фоајето на МКЦ Скопје, изложба на саемот за дизајн во Торино (Дизајн на парчиња облека), самостојна изложба во Галеријата на Младинскиот културен центар – Скопје, самостојна изложба во кафе – галерија Концепт 37 – Скопје.