Македонија
7. October 2016 - 9:29

Концерт на македонски уметници на „Интерфест“ во Битола

Дваесет и петтото издание на фестивалот на класична музика „Интерфест“ вечер продолжува со концерт на уметници од Македонија кои истовремено го слават златниот јубилеј на Факултетот за музичка уметност-Скопје, односно 50 години од формирањето.

На концертот што ќе се одржи во салата на клавирите во битолскиот Музеј ќе настапат Ѓорги Петрушевски (обоа), Полина Тасева (сопран), Љубица Делева (виолина) и Тамара Коминовска (пијано), а пијано соработка ќе овозможи и пијанистката Елена Атанасовска-Ивановска.

- „Интерфест“ завршува на 12 октомври, до кога целовечерни концерти на класична музика ќе приредат и пијанистите Марко Скиаво и Серџо Маркеџиани од Италија, гитаристот Горан Кривокапиќ од Црна Гора, а на затворањето концерт ќе приреди Олег Маршев, пијанино, руски уметник кој сега живее и работи во Австрија.