Македонија
12. May 2016 - 13:47

Концептот „Интернет на нештата“ ќе го смени начинот на живеење

Усогласување на две или повеќе ИТ решенија зад кои стојат помали фирми, во едно заедничко, апликативно за големите компании, овозможува т.н. Интернет на нештата. 

Овој, релативно нов концепт во информатичко-комуникацискиот сектор за реализирање различни сервиси, беше главна тема на денешната работилница „FutureComNet2016“ што ја организира Институтот за телекомуникации при Факултетот за електротехника и информатички технологии (ФЕИТ).

Преку „Интернет на нештата“ многу мали фирми имаат можност за соработка со големите компании, а на тој начин и за освојување нови пазари.

- Сега е вистинско време и добра прилика малите фирми да се вклучат со одредени свои, помали решенија во сервисите, барањата на големите компании како што се ИБМ или некои оператори и на тој начин да дојдат до глобалниот пазар, изјави Срѓан Крчо, директор на Дунав Нет од Нови Сад.

Според него, малите бизниси досега, поради недоволно развиената технологија, иако правеа одредени решенија дури и целосни, комплетни, тешко ги усогласуваа со решенијата или барањата на големите компании.

- Во овој сегмент, не постоеја стандарди, а тоа оневозможуваше усогласување. Вие можеби ќе направите решение, ќе направам и јас, но тие не можеа да се комбинираат, едноставно тоа досега беше проблем. Сега, многу работи се унапредени. Три решенија изготвени од три различни фирми, може да се комбинираат во едно заедничко. Тоа отвора нова примена и нови пазари. Сепак, има уште многу да се сработи на ова поле, објасни Крчо.

Последниве месеци е значително зголемен бројот на фирми кои воопшто не се од ИТ секторот, но се корисници на ИТ решенијата што ги нудат компјутерџиите. Доминираат субјекти од земјоделството, малопродажбата, фабрики,...

Според Петар Статев од Бугарија, кој преку 25 години раководи со ИТ бизниси на Балканот и во Турција, а воедно е и заменик-претседателл на Европскиот институт за телекомуникациски стандарди (ЕТСИ), „Интернет на нештата“ е вид револуција која обединува многу технолошки области, телекомуникации, „клауд компјутинг“, мобилни врски, сигурност на инфорацијата, и која ќе го смени начинот на кој живееме и работиме.

- Многу прашања не се одговорени, прашања од типот: како ќе вршиме контрола кога неколку милијарди машини ќе работат во мрежата. Тоа е голем предизвик за нас, инженерите, рече Статев и упати порака, посебно до, како што нагласи, помладите коелги и студентите, дека за да бидат успешни на глобалниот пазар, мора да ги познаваат стандардите во конкретните технолошки области.

Не може да бидеш добар инженер, потенцира, ако не ги познаваш стандардите и обратно, не е битно во која држава дали си се школувал и си завршил факултет. Можеш да направиш кариера каде било во светот и да бидеш еден од најдобрите.

- Учете брзо, но постојано следете ги трендовите во технологијата. Светот ве чека, му треба вашето знаење, порача Статев.

На конференцијата се обратија и деканот на ФЕИТ проф. д-р Миле Станковски, како и раководителот на Институтот за телекомуникации при ФЕИТ проф. д-р Лилјана Гаврилова.

Работилницата „FutureComNet2016“ беше организирана по повод Светскиот ден на телекомуникациите и информатичкото општество – 17 Мај.