Македонија
13. November 2017 - 20:03

Комуникациските модалитети, тема на средбата Димитров-Коѕијас во Брисел

Комуникациските модалитети меѓу двете земји, како и комуникациските механизми во рамки на Европската унија биле дел од темите за кои денеска разговарале министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, кои се сретнаа на маргините на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите од ЕУ во Брисел.

- Разговаравме за прашања поврзани со комуникациите, комуникациските механизми во ЕУ, при што потенцирав дека мораме да имаме исправна политика за да имаме исправна комуникација, рече Коѕијас по средбата.

Тој во разговорот со Димитров потенцирал дека Европа има потреба од политики засновани на вредности, демократија, на социјални прашања, како и на визијата за поинакво општествата, јави АНА-МПА. 

Грчкиот министер за надворешни работи викендот пред заминувањето во Брисел изјави дека Грција сака да се реши прашањето за името и оти тоа јасно им го става на знаење на своите партнери во ЕУ и на Вашингтон. 

Тој претходно изјави и дека очекува прашањето за името да биде затворено во првата половина во 2018 година. 

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров и премиерот Зоран Заев, пак, минатата недела истакнаа дека во Македонија има политичка волја за решавање на спорот, оти треба да се направи исчекор и да се искористи позитивната клима во односите со Грција.

Потврдија дека разговорите за прашањето со името ќе продолжат кон крајот на месецов.