Бизнис
24. August 2019 - 19:25

Комуналното претпријатие во Дојран ќе се даде под концесија или на јавно-приватно партнерство

Дојран ќе биде првата општина во државата,  но и на Балканот чие комунално претпријатие ќе  функционира по принципот на јавно приватно партнерство или со концесионер.

Постапката веќе е започната, а зелено светло за ваквата одлука даде и општинскиот совет.

Малиот капацитет на постоечкото претпријатие  кој не е доволен за одговор  на сите предизвици што ги има општината  посебно во екот на сезоната е главната причина за ваквиот чекор.  Од општината сметаат дека ова е моделот преку кој ќе дојдат до  решавање на проблемите од комуналната сфера.

„Една година се собираа податоци и се анализираше што и како е најдобро да се направи со комуналното претпријатие кое што пред се е во огромни долгови. Можам да кажам дека физибилити студијата беше успешно направена, беа предвидени сите фактори кои што ќе влијаат на сето тоа. Така што на советот помина, донесена е одлука и отпочната е целата постапка за отворање на постапка за формирање на јавно приватно партнерство или за концесија. Во самата физибилити студија предвидени се и двата модела , допрва ќе се определува што и како ќе биде“, вели Анго Ангов, градоначалник на Општина Дојран.

Според градоначалникот на Дојран се работи за партнерство во кое треба да бидат инвестирани преку 7,5 милиони евра наменети за  подобрувањето на цела комунална инфраструктура, од прочистителна станица па се до канализации во сите останати места со цел заштита на самото езеро и животната средина.

Во моментов тече подготовката на тендерската документација, по што  истата ќе се достави до министерството за економија од каде треба да дадат согласност за следните активности.