Македонија
10. August 2022 - 10:36

Комуналните редари од Куманово извршиле 137 увиди кај физички лица, изрекле 72 опомени и 11 глоби

 Комуналните редари од општина Куманово за 40-тина дена, во јули и од почетокот на август годинава извршиле 137 увиди кај физички лица и согласно Законот за јавна чистота издале 72 опомени и 11 глоби за лицата кои го прекршиле законот, информираа денеска надлежните од Секторот за инспекциски надзор. Опомените и глобите се изречени за оние кои фрлале смет, градежен шут и за лицата кои продавале земјоделски производи надвор од зелените пазари.

Претставници на општината и на СВР Куманово вчера информираа дека одржале работен состанок во рамки на кампањата „Безбедно лето“, на кој присуствувале претставници на отсекот за превенција при СВР Куманово, од Општината, како и инспекциски служби на Општината, Државен пазарен инспекторат, Агенција за храна и ветеринарство, Јавното претпријатие „Пазариште“ и Јавно претпријатие „Паркинг“.

– На средбата беше разговарано за меѓусебна соработка помеѓу институциите со цел ослободување на сообраќајни јавни површини-тротоари од диви продавачи на земјоделски и други производи, како и отстранување на хаварисани и паркирани возила на улици и тротоари кои се во непосредна близина на зелен пазар. На состанокот беа донесени конкретни мерки кои ќе се реализираат во наредниот период, најавија од кумановската полиција.

Од Општината денеска преку соопштение појаснија дека согласно член 14 од Законот за јавна чистота, заради обезбедување на јавна чистота на јавните површини  забрането е фрлање и оставање на смет, хартија, отпушоци, мастики, амбалажи, земја, отпадоци од растенија, песок и други отпадоци, освен определените места, оставање на стари предмети од домаќинство и смет покрај контејнерите.
 
 
Казниво е и оставање на фекални остатоци од домашни миленици и мртви животни, живина и птици во садови за отпад, освен на определните места, колење на кокошки и друга живина и животни, испуштање на отпадни води и други течности од дворните места и објекти, истурање или испуштање на течности во садови за отпад, на улици, во канали, реки и езера, сечење, складирање, цепење на дрва, јаглен и слично, освен на определните места, оставање на запрежни коли, трактори, земјоделски машини и алатки, чување и напасување на крупен добиток и живина, продажба и излагање на земјоделски и индустриски производи, освен на определните места.
 
Согласно овој член казниво е поставување на урбана опрема и други подвижни и неподвижни предмети, мешање на бетон, малтер, освен на места кои ќе ги определи Општината, растурање на сметот од вреќи, контејнери и други видови садови за собирање смет, фрлање, односно оставање на смет до контејнер, фрлање смет од кој било кат на станбена зграда или куќа, во двор, оставање на контејнери и други видови садови за собирање смет надвор од определени места за нивно поставување, согласно со нивната намена, плукање или чистење на нос со дување на јавни површини, лепење на плакати на кое било јавно место, освен за места определени за таа намена и вршење на физиолошки потреби.
 
Од општината го појаснуваат и членот 14-а од овој закон, забрането е фрлање и оставање на отпадоци од градежен материјал (градежен шут), палење, закопување и уништување на смет, превоз на песок, земја, цемент, глина, земјоделско ѓубре, отпад или слични материјали без претходна подготовка и поклопување на материјалите со поклопец, вклучување во сообраќај на моторни, влечни и запрежни возила од стоваришта или градилишта со валкани тркала, поправање, сервисирање на возила и вршење на разни занаетчиски работи, палење и уништување на садовите за собирање смет и уништување на урбаната и друга опрема (клупи, фонтани, билборди, опрема на детски игралишта).