Македонија
5. February 2019 - 12:43

Комунални интервенции врз улиците и дрворедите во Битола

Комуналните јавни претпријатија „Комуналец“ и „Нискоградба“ вршат комунални интервенции врз улиците и дрворедите во Битола кои се видливо оштетени.

Од ЈП „Комуналев“-Битола информираат дека високата снежна покривка предизвика штети врз дрвјата и дрворедите на булеварите и улиците во градот.

-Деновиве интензивно ги расчистуваме паднатите поголеми и помали гранки кои беа скршени од снегот. За разлика од минатите години кога падна малку снег и брзо се стопи или исуши, годинава падна многу снег, остана подолго време и натежна на гранките кои лесно се кршат. Со цел да нема пречки и опасности при движењето на пешаците по тротоарите, но и во сообраќајот бидејќи дел од дрвјата надвиснуваат над улиците, вршиме кастрење на гранките и отстранување на сметот, информираа од битолски „Комуналец“.

Екипи на ЈП „Комуналец“ вршат и метење на тротоарите и улиците, додека пак екипи на ЈКП „Нискоградба“ вршат санирање на дупките на коловозите во Битола.

-Рехабилитацијата на сообраќајниците на кои има оштетувања и дупки ја вршиме со поставување камени коцки и ладна асфалтна маса. Крпењето на ударните дупки настанати поради поларните температури и мразеви во изминатиот период е програмска активност, планирана пред почетокот на зимската сезона која годинава беше проследена со ниски температури и многу снег. Оваа година на улиците низ градот фрливме 360 тони сол и исто толку кубни метри ризла, потврдија од ЈКП „Нискоградба“-Битола.

Комунални интервенции во Битола вршат и од ЈП „Пазари“ кои во двата продажни комплекси што се наоѓаат во централното градско подрачје и во Нова Битола ги уредија пристапните влезови и други површини од нивна надлежност.