Македонија
18. April 2019 - 16:23

Компаниите бараат работници со средно стручно образование

Време е да се разбијат митовите за средното стручно образование, порачуваат од Министерството за образование. “Без факултет нема шанса да се вработам” и “Со средно стручно ќе имам мала плата” се само дел од размислувањата кои ги мачат основците при изборот на средно училиште.

Но вака не размислувал и средношколецот Андреј, кој го избрал средното стручно образование. Вели дека можноста практично да се примени стекнатото знаење, но и шансите за брзо работно место, биле пресудни за неговиот избор.

Министерството преку кампања ќе ги промовира предностите на стекнувањето стручна квалификација за младите.

Означувајќи го почетокот на кампањата во Средното училиште „Михајло Пупин“, министерот за образование посочи дека на пазарот на труд најмногу се бара некој со изучен конкретен занает, а учениците со завршено стручно образование се најлесно вработлива категорија.

Создавањето на стручниот кадар го помага и растот на економијата. Изборот за средно стручно образование е инвестиција во иднината, порачуваат и од бизнис заедницата.

 Кампањата “Одбери стручно – Средно што е вредно”, преку средби со ученици и промотивен материјал ќе се спроведува низ целата земја, во обид да се привлечат полуматурантите кон средните стручни училишта.