Бизнис
15. July 2019 - 17:55

Компаниите бараат промени на системот на промоција на саеми

Извозниците бараат од Владата да се промени системот за промоција на саеми. Државата да определи една институција која ќе дава финансиска и логистичка поддршка за да се намалат и административните трошоци и да се забрзаат процедурите.

Бараат и да се направи план за три години за средствата за оваа намена бидејќи за најголемите саеми се аплицира година и пол пред почетокот. Со тоа и државата и компаниите ќе можат да планираат.

-Бараме тој национален штанд да не биде воден, односно неговата атрактивност и локација да не биде одена од најниска цена, туку од најатрактивната локација и најубаво изготвен штанд. Бидејќи кога одите на големите светски саеми, земјите се претставуваат кој може подобро. Значи, не е поентата да биде најевтино, туку поентата е да биде атрактивно и примамливо за посетителите, вели Глигор Цветанов, претседател на Клубот на извозници при Стопанската комора.

Претставувањето на саеми за големите компании од земјава е важно зашто токму таму тие наоѓаат потенцијални партнери за соработка. Со тоа се зголемува и нивниот обем на работа, но и извозот од земјава.

-Вие наоѓате партнери и го задржувате и вашиот имиџ на добра компанија. Сега саемите не се како порано, вие да го изложите производот, па таму да го продавате. Нашите производи не се продаваат така, туку тој треба да го почувствува, да го види производот. Па да дојде до кај вас, или вие до кај него. Тоа е еден процес од неколку години на таа соработка, вели Горан Антевски вицепретседател на Клубот на извозници при Стопанската комора.

Освен моменталниот систем за промоција, проблем за изозниците е недостатокот на квалификуван кадар. Се жалат и дека постојано растат цените на енергенсите, а со тоа и нивните трошоци се поголеми.