Бизнис
16. February 2017 - 15:14

Коморите на Македонија и Србија апелираат за брзо решавање на блокадата на Евзони

Стопанските комори на Македонија и Србија апелираат што поскоро да се реши проблемот со блокадата на граничниот премин Евзони и да се овозможи слободен проток на луѓе и стоки зашто во спротивно, како што беше речено денеска на Македонско-српскиот бизнис форум, штетите ќе бидат огромни.

- Штети ќе има не само врз македонското стопанство, туку и врз земјите со кои соработуваме. Се надеваме дека ситуацијата ќе има брза разрешница за да не бидат големи директните и индиректните трошоци, изјави извршната директорка на Стопанската комора на Македонија Јелисавета Георгиева пред почетокот на форумот.

Според неа, состојбите на Евзони активно се следат, а Комората испрати и дописи до Грчката амбасада и Унијата на грчките комори.

- Одговорот од грчка страна е дека и тие се залагаат за што побрзо надминување на ситуацијата, информира Георгиева.

Во меѓувреме, додаде, се прават напори и од домашните и од странските институции за изнаоѓање алтернативни патишта. - Битно е солунското пристаниште, но важни се и соработките за излез на други пазари, нагласи Георгиева.

Директорката на Центарот за регионална соработка при Стопанската комора на Србија, Даница Миловановиќ потенцира дека какви било блокади на границите може да го забават растот на размената.

- Се обидуваме да укажеме колкави се штетите и трошоците од ваквите времени пречки. Воедно апелираме да се овозможи слободен проток на стоки и луѓе, нагласи Миловановиќ.