Бизнис
21. July 2019 - 19:34

Комори: Фриленс работењето е начин да се задржат младите дома

Фриленсот и новите облици на работа би можеле да ги спречат младите да се иселуваат од државата, сметаат дел од Стопанските комори. Преку нив, младите би можеле да работат за странски компании од дома, а да земаат повиски плати.

Меѓутоа, истражување на невладини организации покажува дека само 3 отсто од работниците редовно користат платформи за фриленс работа. Дури 43 отсто никогаш не слушнале дека постојат вакви платформи, а 24 проценти слушнале, но никогаш не ги користеле.

Според претседателката на американската стопанска комора, треба да бара начин и на привлекување на т.н. дигитални номади.

-Тоа се луѓе кои што работат дигитално и можат да работат било каде во светот. Таквите луѓе обично се млади, инвентивни, но бараат место за живеење кое што би било евтино и каде што интернетот е брз. А јас сметам дека Македонија ги исполнува сите тие услови, вели претседателката на АмЧам, Дијана Десподов.

Според Десподов, треба да се олесни визниот режим за овие луѓе да можат да дојдат во Македонија и парите кои ги заработуваат да ги трошат тука.

Сепак, фриленсот не е регулиран со Закон. Невладините велат дека државата не води целосна евиденција на оние кои заработуваат на овој начин, па голем дел од нив избегнуваат да плаќаат даноци.

-Македонскиот правен систем не ги препознава новите облици на вработување кои се проследени со новите начини на извршување на работните задачи, ниту овозможува нивна примена. Договорите за вработување кои овозможуваат одредена флексибилност за работниците и работодавачите не се секогаш јасно и прецизно уредени во практиката и затоа се одбегнува нивна примена пред се заради правната несигурност која ја имаат работодавачите, вели Кристијан Трајковски од Центарот за истражување и креирање политики.

Од Владата велат дека во тек е подготовка на нов текст на Законот за работни односи во кој ќе се унапредат сите делови од оваа проблематика. Преку економско-социјалниот совет ќе бидат разгледани сите барања  доставени од коморите, здруженијата и асоцијациите, по што ќе следи дискусија за нивна евентуална примена или имплементација во Законот.