Македонија
17. May 2019 - 16:10

Комисијата за заштита од дискриминација: Незапишувањето на невакцинираните деца не е дискриминација

Околу 300 родители од Скопје се соочуваат со прекршочни пријави и плаќање на казни до 600 евра за невакцинирање на нивните деца. Толку пријави доставил Здравствен дом Скопје до Државниот санитарен и здравствен инспекторат по спроведените теренски вакцинации во училиштата. Колку од нив ќе завршат на суд од ДСЗИ велат дека ќе знаат по комплетирање на документацијата. Но оваа бројка може да се зголеми бидејќи во главниот град има уште 2200 ученици кои не примиле вакцина против МРП. Во меѓувреме, според податоците од Инситутот за јавно здравје мали сипаници има дури во 22 градови во државата. Изминатата недела во ИЈЗ регистрирале 134 заболени, што е најголем број од почетокот на епидемијата. 

 - Од новозаболените 48 се од Скопје, а останатите 86 се од десет други градови. Вкупниот број на регистрирани од почетокот на епидемијата е во постојан пораст и последната бројка изнесува 1.524. Најголем број регистрирани се возрасни лица над 30 годишна возраст. Речиси половина од сите регистрирани се возрасни лица, изјави др. Гордана Кузмановска, епидемиолог во ИЈЗ

Епидемиолозите велат дека дури 74 проценти од досега заболените се невакцинирани, примиле само една доза или имаат непознат вакцинален статус. Не очекуваат стивнување на епидемијата бидејќи во внатрешноста се уште има околу 15 000 невакцинирани деца до 14 годишна возраст.

- Во Скопје тој број е значително намален и има околу 2200 невакцинирани деца, но голем е бројот во внатрешноста околу 15 000 и очекуваме и следниот период да се одржи стапката на заболување. Вирусот е вирулентен, поинтензивен и затоа ќе има заболени, вели Кузмановска.

Во меѓувреме, по одлуката на Владата во септември да нема упис на првачиња без уредни вакцинални картони и реакциите на институции и невладини организации дека мерката е на штета на децата, се огласи и Комисијата за заштита од  дискриминација.

- Не постои дискриминација бидејќи мерката има легитимна (објективно оправдана) цел, согласно член 5 точка 8 од Законот за спречување и заштита од дискриминација. Таа не е спротивна на Уставот и одредбите на меѓународните договори, соодветствува со реалните потреби бидејќи е прогласена епидемија и е загрозен животот и здравјето на детето, како и животот и здравјето на другите деца кои се во контакт со невакцинираните деца. 

Од Комисијата велат дека нивната општа препорака се однесува за веќе поднесените претставки но и оние кои ќе бидат доставен идо нив а се поврзани со одлуката да нема упис во училиште на невакцинирани деца.