Македонија
29. November 2021 - 16:43

Комисијата за заразни болести не се плаши од новиот сој на ковид

Омикрон не ги исплаши македонските здравствени власти и Комисијата за заразни болести. Процениле дека засега нема потреба од рестрикции и доволни се актуелните мерки за заштита од Kовид-19. Надлежните уверуваат дека епидемиолошката состојба во земјата е стабилна а за новиот сој се уште нема целосни информации дали и колку е опасен.

- Остануваме со сегашните мерки, се уште нема доволно познати информации иако СЗО укажува на тоа дека можеби е полесно пренослив. Рестрикција некаква во однос на затворање на граници, на карантинизирање на патници од одредени земји нема да даде ефект. Очигледно е дека соевите се јавуваат и понатаму. Остануваме со овие мерки, ставаме акцент на вакцинацијата, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

И додека надлежните ја следат состојбата со Oмикрон, утре на Влада ќе одлучуваат како да го зголемат опфатот со вакцинација. Откако не беше прифатен првичниот предлог на Комисијата за заразни болести и вратен на дополнителни анализи, сега фокусот го ставаат на финансиска стимулација за матичните лекари – 30 денари плус за пациент доколку убедат повеќе од 70 проценти од прикрепените осигуреници да примат вакцина.

- Можат тоа со разговори со пациентите и на мене досега не ми се јавил ниту еден матичен да реагира за дополнителен финансиски бонус, вели Филипче.

Минатата недела од здравство беа убедени дека се добри мерките – вработените во државна администрација да одат на работа само со приложување на сертификат со најмалку една доза или негативен ПЦР на сопствен трошок. Сега компаративните студии што ги побара Владата покажале дека во земји каде применувале вакви рестрикции и немало некој ефект во зголемување на опфатот со вакцинација. Нема да има отстапки ниту кај оние кои се избориле со вирусот – потврдата за прележаност останува да важи само 45 дена.