Македонија
8. October 2020 - 16:48

Комисијата за заразни болести бара воведување на нови рестриктивни мерки

Задолжително носење маска на отворено и кога сте сами, дома на гости, прослава или на слава не смеат да ви дојдат повеќе од 4-ца, се забранува групирање во парковите и на други јавни површини после 22 часот. Ова се новите мерки кои Комисијата за заразни болести ги предлага до Владата по алармантните бројки на новозарзени со корона вирус. Според министерот за здравство анализите покажале дека семејните забави и журките последниот се главните причини за пораст на новоинфицирани со Ковид-19 во земјава, а целта била да се спречат забавите од кафулињата да се префрлат во домашни услови. Исклучок за носењето маски надвор ќе бидат децата до 6 години, оние кои спортуваат или се од едно семејство кога се возат во автомобил.

- Секој како ќе излезе од дома ќе мора да носи маска, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Кризниот штаб и Владата како што рече Филипче мерките ќе ги разгледуваат на првата наредна седница, а тој очекува дека истите ќе добијат зелено светло.

Засега не се планира воведување на полициски час, но министерот потенцираше, доколку бројките продолжат да растат ќе се намали и работното време на угостителските објекти.

- Поригорозни мерки планираме апсолутно. Можна е и рестрикција на движењето, кажа Филипче.

Инаку неделната анализа на ИЈЗ за претходната седмица покажува за 35 проценти зголемување на бројот на новозаразени, регистрирани се 1203 случаи со Ковид 19, од нив 416 лица се на возраст од 20 до 39 години. Загрижува податокот дека 33 проценти од новозаболените не знаеле како се инфицирале или не сакале да ги кажат контактите.