Македонија
5. December 2020 - 8:33

Комисијата за историски прашања заглави на придавката „македонски“, Софија осамена во ветото

 Дводневната 11.средба на македонско-бугарската Мешовита комисија за историски и образовни прашања, вчера заврши без каков било напредок. По онлајн средбата копретседавачите на Комисијата, македонскиот Драги Ѓоргиев и бугарскиот Ангел Димитров информираа дека голем дел од нивната работа бил посветен на усвојувањето на записниците од претходните две средби, а главен проблем бил употребата на придавката македонски, како и разидувања околу цар Самоил. Сепак, најавена е нова онлајн средба за следната недела.

-Нашите македонски колеги настојуваа насекаде да се стави македонски. Но, блокирајќи го потпишувањето на записниците се става под сомневање нашата работа бидејќи без документ за тоа кои дискусии се водени, какви одлуки се донесени, работите изгледаат несигурни и кажуваат за немање желба да се работи поинтензивно и со повеќе резултати. За жал, нашите опсервации покажуваат дека оваа нова позиција на нашите колеги е дел од еден политички однос, од едно убедување за дискредитирање на Бугарија и на државните позиции кои почнаа минатата година, рече Димитров.

Ѓоргиев потврди дека добар дел од средбата бил посветен на записниците од 9. и 10. средба, а главен проблем бил употребата на придавката македонски, поврзана со различно толкување на Преспанскиот договор, од бугарските колеги.

-Тоа беше внесено во Комисијата после 6.средба, нашата страна не беше информирана за тоа, но бугарските колеги почнаа да го практикуваат тој начин на правење записници без притоа тоа да биде споделено со нас и да биде известено и нашето Министерството и можеби консултациите со Министерството ќе придонесеа да се надмине проблемот. Засега останува проблемот со придавката македонски. За тоа се разговара и на повисоко ниво и се надевам дека ќе се најде решение, рече Ѓоргиев.

Во врска со работатата на Комисијата за претставувањето на цар Самоил и Самоиловата држава  во учебниците по историја за 7-мо одделение, не е постигната согласност, а главниот проблем според него, е во тоа што се избегнува внесување на мултиперспективност во учебниците по историја.

-Идејата да се наметне само едно видување на таа држава всушност резултираше со непостигнување резултати. Беа разменети неколку варијанти и предлози за тој дел од нашата историја, но се покажа дека имаме апсолутно споротивставени гледања за тоа како треба да се пишуваат препораките до нашите влади и како би требало да изгледаат идните учебници во РС Македонија и во Р Бугарија, вели Ѓоргиев.

Димитров, пак, наведе за цар Самоил разговорите завршиле без резултат и се отстапило од веќе подготвен заеднички текст за двете влади за негово заедничко чествување.

Во однос на Гоце Делчев на состанокот било разговарано многу малку, и немало никакво поместување во однос на дебатата за заедничко чествување на неговиот лик и дело.Договорена е онлајн средба следната недела во скратен состав за надминување на проблемот со цел потпишување на записниците на Комисијата, која е формирана согласно Договорот за добрососедство  од 2017 година  помеѓу Македонија и Бугарија.

Бугарските позиции за блокада на усвојувањето на преговарачката рамка, а со тоа и на првата Меѓувладина конференцијан на ЕУ со С Македонија, остануваат речиси извесни. Бугарија на амбасадорскиот состанок минатата недела, повтори дека нема да даде зелено светло за Македонија на идниот министерски состанок на 8 декември. Бугарски медиуми, пак, вчера објавија дека ветото за старт на пристапните преговори за С Македонија го поддржуваат и други земји – членки, наведувајќи ги Холандија и Данска. Овие тврдења во веста која ја објави бугарскиот весник „24 Часа“, повикувајќи се на неименувани дипломатски извори од Брисел, веднаш беа демантирани од двете земји членки. Холандија ги оцени информациите како лажни.

-Холандија сметаше и се уште смета дека Македонија има постигнато добар напредок и дека меѓувладината конференција може да се одржи веднаш штом ќе се усвои преговарачката рамка, се вели во реакцијата од холандската Амбасада во Скопје, објави „360 степени“.

-Информациите објавени во бугарските медиуми кои укажуваат на тоа дека Данска се приклучила кон ветото на Бугарија за пристапните преговорите на Македонија во ЕУ не се точни. Данска ги поддржува актуелните предлози на Европската Комисија во однос на преговарачката рамка со Албанија и со Македонија и тоа многу јасно го соопшти на сите форуми за преговори. Данска е подготвена да ги прифати овие преговарачки рамки, стои во соопштението од данското МНР што го објави sdk.mk.

Одговарајќи на новинарско прашање во однос на информациите во некои медиуми дека и Холандија и Данска се против почнување преговори на земјава со Унијата, и министерот за надворешни работи Бујар Османи, потврди дека имаме недвојбена поддршка не само од Холандија, туку од сите земји членки на ЕУ и дека останува прашањето со Република Бугарија.

Во меѓувреме, реафирмирана поддршката на САД за влез во нова фаза од евроинтеграциите за земјата. Метју Палмер, заменик-помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, вчера за Гласот на Америка изјави дека пристапниот процес во ЕУ треба да се базира на принципи, а Македонија има направено доволно реформи да го оправда одржувањето на првата Меѓувладина конференција. Билатералниот спор со Бугарија, вели, треба да се решава надвор од пристапниот процес. Се надева дека ќе се постигне договор Меѓувладината конференција да се одржи за време на германското претседателство.

- Македонија има направено доволно за да се квалификува за Меѓувладината конференција, и мислам дека мнозинството членки на ЕУ се јасни во тоа. Ќе продолжиме да работиме со нашите европски партнери да се исполни тоа. Ќе направиме се`што можеме да го подготвиме теренот, и ќе продолжиме јавно да ја демонстрираме нашата силна поддршка за придвижување на Македонија кон членството во ЕУ, рече Палмер.

Разбираме, посочи тој, дека има одредени важни прашања кои се однесуваат на историјата, идентитетот и јазикот, кои треба да бидат решени меѓу Бугарија и Македонија како соседи, сојузници и партнери. Во однос на процесот за пристапување во ЕУ, сакаме да видиме тој да продолжи напред, без да ги вклучува билатералните прашања. Би сакале да видиме билатералните прашања да се решаваат преку билатерални канали, наведе Палмер,  прашан дали барањата на Бугарија ги одразуваат европските вредности, како и дали САД го осудуваат таквото однесување, Палмер рече: –

Поранешниот премиер и актуелен специјален пратеник за Бугарија, Владо Бучковски, пак, изјави дека македонската Влада е свесна оти треба да изготви патоказ за да покаже дека е цврсто посветена на имплементацијата на Договорот за добрососедство со Бугарија.

Во интервју за БНР, Бучковски вчера рече дека тимовите на двете министерства за надворешни работи на Македонија и на Бугарија работат на формулациите и оти верува дека може да се најде решение.

-Верувам, и знам дека додека ние разговараме, тимовите на министерствата за надворешни работи – на Бугарија и на нашето, работат на формулациите коишто ќе покажат дека и без поддршка од кого било, макар што, во моментов го имаме претседателството на Германија, кое е голема поддршка, ние од Западниот Балкан, ние соседите кои имаме заедничка историја, можеме да најдеме решение за нашата заедничка иднина, вели Бучковски.