Македонија
20. March 2023 - 16:32

Комисијата за дискриминација утврди дека „Идризово“ ја дискриминира Јанкуловска

Жените затворенички немаат можност казната да ја одлежат во полуотворено одделение, како мажите. Комисијата за спречување на дискриминација даде мислење дека жените се дискриминирани во КПУ Идризово, а подносителка на претставката е поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

Во претставката Јанкулоска навела дека нема право на слободен излез до седум часа, отстуство од 15 дена во текот на една година, целосно или делумно користење одмор надвор од установата, како и работно ангажирање надвор од установата.

Мажите затвореници овие привилегии ги добиваат со добро поведение, и откако ќе издржат 1/3 од казната.

-Женските осудени лица се ставени во понеповолна положба од машките осудени лица поради фактот што жените својата казна затвор единствено да ја издржуваат во КПУ Идризово, установа која е од затворен тип. Кога станува збор за прогресирање од друга установа, истото е оневозможено за жените од причина што друга установа за издржување казна затвор за жени во државата не постои.

Комисијата дала препорака до Управата за извршување на санкции за шест месеци да изготви Акциски план за реконструкција на установи од отворен и полуотворен тип во кои ќе бидат сместени жени.

Сепак, сопругот и адвокат на Јанкулоска вели дека тоа не е доволно бидејќи нема да даде брзи резултати.

-Тоа е можеби долгорочно или среднорочно решение, но до тогаш има можност да се интервенира преку Правилникот односно преку директна примена на Законот за санкции. На толку Невладини организации, на толку грантови што се даваат за овие области, на присуство на Народен правобранител и сл. Досега никој не утврдил дека постои ваков проблем. Така што, се поставува легитимно прашање што работат сите овие Здруженија за заштита на човекови права, што работи Народниот правобранител?, прашува адвокатот Влатко Илиевски.

Сепак, барем засега Илиевски и Јанкулоска нема да го користат ова мислење на Комисијата за да ја тужат државата. Ова е второ мислење на Комисијата за дискриминација врз поранешната прва полицајка. Во 2018 годината утврди вознемирување од страна на судијката Добрила Кацарска за случајот „Тенк“.