Македонија
12. February 2019 - 16:42

Комисијата во култура утврди грешка во одлуката за „Златно славејче“, за останатите ќе одлучува Адеми

“Златно Славејче” ќе добие пари од Годишната програма за финансирање на проекти од културата. Стручната комисија при Министерството за култура по повторното разгледување на одбиените апликации, утврдила дека направила пропуст во документацијата во случајот со детскиот музички фестивал.

Од Комисијата велат дека досега преразгледале околу 100 апликации, а и понатаму поради некомплетна документација, без пари од Министерството се најголемите и најреномираните музички и фолклорни фестивали.

Од одбиениот Скопскиот џез фестивал и понатаму тврдат дека до Министерството е доставена комплетната документација. Причините за неприфатенато барање ги бараат во тенденциозната селекција.

Со реакции продолжува и најголемата опозициска партија, чија пратеничка група поднесе барање за оддржување на надзорна расправа за начинот на носење на годишната програма.

Засега нема рок по кој стручните комисии треба да одлучат по повторното разгледување на одбиените предмети. Станува збор за над две илјади апликации, од кои најголем дел конкурирале за пари од музичката дејност.