Македонија
29. May 2019 - 17:02

Комисијата препорача одземање на мандатот на Никола Груевски

Со пет гласа “за”, ниту еден “против” и ниту еден воздржан, Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања даде зелено светло за одземање на мандатот на пратеникот Никола Груевски.

Поранешниот премиер доби политички азил во Унгарија и повеќе од шест месеци е отсутен од парламентарниот дом.

По кусата расправа, пратениците од ВМРО ДПМНЕ не гласаа по предлогот, сметајќи дека деловнички не се исполнети условите за одземање на мандатот на екс премиерот. Велат дека Груевски бил спречен од пратеничката група на СДСМ да го пријавува своето отсуство.

Потпретседателката на Комисијата истакна дека претениците од ВМРО ДПМНЕ неправилно го толкуваат Уставот и Деловникот.

Одлуката на пратениците на ВМРО ДПМНЕ да не се изјаснат по предлогот за одземање на мандатот и покрај одлуката од Извршниот комитет покажува дека партијата се уште е под силно влијание на Груевски, сметаат од СДСМ.

Конечниот збор за одземање на мандатот на Никола Груевски ќе го имаат пратениците, кои со двотретинско мнозинство треба да го изгласаат предлогот на пленарна седница.