Македонија
7. May 2021 - 16:36

Комисијата ги потврди пораките на Вархеји, Германија и Словачка бараат старт на преговори со Македонија и Албанија

Во пресрет на европските самити Димитров ја повика унијата да ги испорача повеќегодишните ветувања. Вицепремиерот за европски прашања очелува позитивен исход за Македонија и покрај отврениот спор со Бугарија, бидејќи вели дека земјата затвори тешки прашања и испорача конкретни реформи.

Ќе бидам многу отворен и искрен тука, за мене, за македонските граѓани од исклучителна важност е овој последен исчекор за отворање на пристапни преговори да се случи навистина сега, без понатамошно одлагање, што неминовно ќе доведе до поголемо разочарување кое донекаде е разбирливо ако се има предвид колку долго сме „заглавени во чекалната на Европската Унија“, порача вицепремиерот Димитров.

По изјавата на еврокомесарот за проширување дека е можно раздвојување на Македонија и Албанија на патот кон европската интеграција, портпаролката на Европската комија денеска потврди дека ова не е личен став на еврокомесарот, туку можно сценарио. 

Позицијата на Европската Комисија е многу јасна: Сакаме да видиме Меѓувладини конференции со двете земји, двете ги исполнуваат условите за ова да се случи, но Советот треба да даде согласност за преговарачките рамки. Ако нема договор за Северна Македонија, тогаш оваа опција би можела да се разгледа, рече Писонеро.

Во меѓувреме расте поддршката на се поголем број земји членки на Унијата, Скопје и Тирана заедно да го стартуваат преговарачкиот процес. 

По Австрија, денеска вакви пораки преку Твитер испратија и германскиот министер за Европа Рот и словачкиот министер за надворешни работи Иван Корчок.

Стартот на преговорите ќе биде и една од темите на средбата на премиерот Заев со претседателката на европската комисија Фон дер Лајен закажана за понеделник.