Македонија
23. April 2018 - 15:16

Комисија за политички систем не ги усвои извештаите на комисиите за слободен пристап и инспекциски надзор

Ѓорги Сламков, претседател на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на 17 април поднел оставка до Собранието од, како што навел, лични причини. Годишниот Извештајот за работата на Комисијата за слободен пристап денеска беше на дневен ред на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, но немаше најзин претставник да го образложи.

Комисијата не го усвои овој извештајот на Комисијата за слободен пристап, како и извештајот на работата на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочна постапка.

Најголем дел од дебатата меѓу пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата беше посветена на тоа дали треба или не треба да има претставници на овие комисии да ги образложат годишните извештаи. Претставник немаше испратено ниту од Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочна постапка. Првите луѓе на оваа комисија биле именувани пред извесен период. 

Опозицијата инсистираше да не се расправа за извештаите без претставници на овие државни органи, но претседателот на собраниската Комисија Александар Кирацоски рече дека сите институции чии извештаи денеска беа на дневен ред на Комисијата биле уредно поканети и инсконтактирани. 

- Не е во ред начинот на кој што се водеше целата расправа, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илиоски. 

Помина Годишниот извештај за работата на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен во 2017 година, којшто беше образложен од претседателката Ирена Брзанова. 

Иако најавуван, денеска не беа разгледани извештаите на Специјалното јавно обвинителство, на Народниот правобранител, на Дирекцијата за заштита на лични податоци, како и на Агенцијата за администрација. Седницата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците ќе продолжи во среда.