Македонија
28. January 2022 - 16:35

Комеморација за маестро Џамбазов

Со звуците на неговата „Рапсодија за Скопје“ наместо едноминутен молк, фелата, пријателите и семејството се простија од македонскиот композитор и диригент, Александар Џамбазов.

Неговиот син, Игор, вели иако, цел живот во сенка на успесите на членовите од семејството, тој всушност се стекнал со најголема слава.

„Прво, викаше што сум јас? Цел живот бев зет на Петре, па сопруг на Анче, па татко на Тања и Игор. А, што сум Јас? - Сега ќе ти кажам, Ти си маестро“, рече на комеморативната седница, Игор Џамбазов.

Џамбазов, истакнат македонски композитор, диригент – творештво во сите музички жанрови, се потсетија неговите колеги на комеморативната седница. Велат ќе остане запаметен како иницијатор и основополжник на „Скопскиот фестивал“ и „Златно славејче“.

„Си заминува во музичката историја Џамбазов, човекот чие име повеќе од 50 години растеше и израсна во синоним на македонската популарна музика“, изјави Јане Коџобашија Прет на Собрание на Сојуз на композитори.

Потписот на Џамбазов ќе остане запишан на стотици композиции и аранжмани, а во својот творечки опус пријавил над 900 авторски дела.