Македонија
28. January 2019 - 20:57

Комеморација за Холокаустот – никогаш и никому да не се повтори

Комеморативна церемонија по повод 27 јануари – Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот и концерт со изведба на еврејски песни на дуото Тимна Брајер и Елиас Меири (клавир и гитара) од Виена се одржа вечерва во Македонската филхармонија.

Домаќини на церемонијата беа министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров и амбасадорката на Сојузна Република Австрија во Република Македонија Ренате Коблер.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, во своето обраќање, порача дека сеќавањето е првиот чекор во нашите заложби такво злосторство никогаш и никому да не се повтори.

– Наша заложба и обврска денеска и во годините пред нас е да се сеќаваме на сите жртви на холокаустот, вклучувајќи ги и 7.114 евреи од Макеоднија кои во 1943 беа депортирани во логорот на смртта Треблика и да извлечеме поуки за нас и младите генерации, изјави Димитров.

Нагласи дека вечерта кога се сеќаваме на жртвите на холокаустот не смееме да заборавиме дека појавите на негирање на холокаустот, антисемитизмот, дискриминацијата и говорот на омраза се се почесто присутни во медиумите.

– Ваквите показатели не смее да не обезхрабрат, туку треба да не поттикнат да продолжиме уште поригорозно со мерки за нивно сузбивање. Директната закана на антисемитизмот за европските и воопшто за демократските вредности е очигледен и бара неодложна акција, изјави Димитров.

На церемонијата присуствуваше и министерот за надворешни работи на Република Литванија, Линас Линкевичиус, кој се наоѓа во официјална посета на Република Македонија.

– „Никогаш да не се повтори“ не е само празен слоган во Литванија. Проследен е со конкретни постапки. Продолжуваме со активности за зачувување на нашети историско сеќавање и негување на културното наследство на литванските Евреи. Веќе почнаа и подготовките за прославата на 2020 година, што литванскиот парламент ја одреди како година на Гаонот од Вилнус и историјата на Евреите од Литванија, истакна Линкевичиус.

Нагласи дека владата на Литванија најостро ги осудува оние граѓани кои што соработувале со нацистичкиот режим и биле дел од ова ужасно злосторство против човештвото.