Македонија
7. July 2020 - 18:54

Комбе полно со мигранти предизвика тешка сообраќајна несреќа во Струмица

Комбе полно со мигранти предизвика тешка сообраќајна несреќа во Струмица. Три лица се повредени, но се надвор од животна опасност, а уште неколку се здобиле со полесни повреди. Сите повредени се примени во струмичката болница и им е укажана неопходната помош. Според очевидците кои во моментот на несреќата се нашле на улицата Младинска на која се случи несреќата комбето со кочански регистарски ознаки се движело со огромна брзина. Во еден момент изгубило контрола и удрило во неколку паркирани возила. Очевидците велат дека глетката била страшна.

По несреќата дел од мигрантите избегале. За сега нема конкретни податоци  колкав бил нивниот број. Според неофицијалните информации на дел од очевидците, се работи за бројка од околу триесетина мигранти . Детали за несреќата не соопштија ниту од МВР. Од таму само го потврдија настанот и информацијата дека комбе со кончански табли управувано од возач од Кочани учествувало во несреќата. Повеќе информации најавија по завршувањето на увидот и целосното расчистување и документирање на случајот.

За помалку од 12 часа овоа е втор случај  во кој е откриен обид за криумчарење мигранти. Синоќа околу полноќ полицајците од РЦ Југ запреле  шлепер полн со мигранти. Во камионот  со скопски и полуприколка со струмички регистарски табли  биле  откриени 211 мигранти. Од нив 159 се државјани на Бангладеш, додека 52 ца се од Пакистан.  Возилото било запрено за контрола по претходно добиени сознанија дека во истото се превезуваат лица кои илегално ја поминале границата и се предмет на криумчарење. Мигрантите ги превезувал жител на Скопје кој освен што вршел  криумчарење,  управувал  и возило со лажни регистарски таблички.

Проверките на полицајците покажале дека регистарските табли и на камионот и на приколката припаѓаат на други, а не на возилото кое го управувал скопјанецот.