Македонија
11. February 2021 - 21:19

Колку трае имунитетот на лицата кои прележале Ковид 19, дали тие треба да се вакцинираат?

Најмалку осум месеци. Ова е последниот одговор на науката на прашањето - колку трае имунитетот на оној кој прележал корона. Реинфекциите засега се исклучително ретки. 

Една година од прогласувањето на пандемијата, медицината се уште учи за новиот вирус, вели доктор Петличковски.

“Сега работите се појасни. Она што со сигурност може да се тврди е дека имунитет има најмалку 8 месеци...”

Светот е во фаза на имунизација. Приоритетните групи се одредени, но во нив ги нема тие што оздравеле од Ковид 19. 

Треба ли овие лица да се вакцинираат и кога?

“Е тоа е нејаснотијата. Препораките се дека може да се вакцинираат, кај нас логично е да не бидат приоритетни...”

Петличковски пробува да ја разјасни и мистеријата со создавањето на антитела кај прележаните пациенти. Нивното варирање е резултат на индивидуалните карактеристики кај човекот и неговиот имунолошки систем, но имунитетот се развива кај сите, вели докторот.

“Над 95% развиваат антитела. Пет отсто не, но и кај нив има имунитет...”

Безбедни од реинфекција со вирусот најмалку осум месеци ќе стекнат и оние кои ќе примат вакцина, но и оние кои оздравеле, но според Петличковски, покомплетен и посеопфатен имунитет ќе имаат лицата кои ја прележале короната.