Македонија
23. November 2020 - 16:41

Колку припадници на полицијата и војската ќе прават ред во болниците?

МВР до крајот на денот треба да одлучи кои здравствени установи ќе бидат обезбедувани од безбедносните сили, но и дали нивно присуство ќе има во текот на целиот ден или само во определен дел од денот. Внатрешни ќе одлучува и колку службеници ќе ги обезбедуваат здравствените установи, но и колку припадници на Армијата ќе бидат побарани за да им асистираат.

Главна причина, според првиот човек на Главниот штаб, зошто се бара поддршка од Армијата е бидејќи и во редовите на полицијата и на војската има голем број заразени со коронавирусот.

-Припадниците на Армијата нема да бидат вооружени, нема да го плашиме народот. Туку, тие ќе бидат тука да им помогнат на граѓаните да не се создаваат гужви или евентуално да не се создаваат хаотична состојба за да им овозможиме на здравствените работници непречена работа. Армијата и полицијата ќе бидат сервис на здравствените работници кои што ќе овозможат тие да ја вршат својата примарна должност, а тоа е борба против ковидот, лекување на болните, појасни првиот човек на Главниот штаб и в.д. директор на Центарот за управуање со кризи, Стојанче Ангелов.

Засега државата нема побарување од приватните компании кои не се од здравствениот сектор. Меѓутоа, доколку се појави таква потреба комуникацијата ќе оди преку ресорните министерства или преку Главниот штаб.

Владата утре на седница ќе го разгледа и се очекува да го донесе Акцискиот план кој го предложи Главниот штаб.