Македонија
18. October 2021 - 21:18

Колку изборните резултати најавуваат трет стабилен политички субјект?

Независните и кандидатите на помалите политички партии во голем број општини ќе бидат одлучувачки за формирање совети, што според политичките аналитичари е добар знак за размрдување на политичката сцена. Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка очекува трета опција, иако водечките партии сè уште ги имаат главните улоги.

Кржаловски потврдува дека Левица е една од партиите, чија популарност во континуитет бележи раст кај електроратот. На минатите локални избори тие имаа само тројца советници, а сега ќе бидат дел од советите во скоро 30 општини. Лидерот на партијата, Димитар Апасиев, е задоволен од постигнатите резултати, бидејќи ја оствариле нивната примарна цел, а тоа е Левица да влезе во општинските совети.

Според Кржаловски, генерално лоша е пораката од граѓаните, бидејќи половина од гласачкото тело не излегува на избори.

И експертите и дел од опозициските партии сметаат дека после вакви резултати на локалните избори, можни се предвремени парламентарни избори.