Македонија
8. April 2021 - 21:28

Колку деца питачат низ државата и што презема државата за да ги заштити во време на пандемија?

Во земјава има 182 деца питачи, покажуваат податоците од Министерството за труд и социјална политика. Официјалната бројка драстично се зголемила последниве години поради активностите што ги презеле со цел да ги регистрираат тие лица. Од 59 евидентирани во 2017 година, бројката се искачила на 250, а сега изнесува 182. Но, според проценките на Првата детска амбасада Меѓаши бројот е неколкукратно поголем.

Социолозите потврдуваат дека има многу повеќе деца питачи, чија бројка веројатно надминува 1.000.

“Тоа е социолошки многу едноставно. Ние имаме една формула која што подразбира дека од официјалната бројка ние множиме со 5 до 10 пати за да ја добиеме реалната бројка која што токму ни покажува колку деца на улица имаме. Тоа е така со сите девијантни појави. Од едно регистрирано дете на улица имате 5 до 10 нерегистрирани. Затоа е таа дискрапанца и велам реалната бројка не се совпаѓа секогаш со онаа официјална бројка која што ние кога правиме анализи секогаш ја зимаме таа сива бројка”, вели Татјана Стојаноска Иванова, универзитетски професор на Институтот за социологија при Филозофскиот факултет на УКИМ.

Државата мора повеќе да се погрижи за децата питачи, особено во време на пандемија. Социолозите сметаат дека во ек на здравствена криза институциите како да ги подзаборавија овие лица. Во нормални услови, велат, невладините организации, како и самите граѓани секојдневно им помагаа не само со пари, туку и со храна и облека. Но, пандемијата направи секој да се грижи за сопственото здравје, па луѓето не им помагаат бидејќи ги гледаат како потенцијални преносители на вирусот.

“Апелот е и до институциите на системот и до оние невладини организации кои што работат со таа категорија на граѓани да помогнеме на сите тие деца кои што питачат. Прво за нивното здравје да се погрижиме, да се обезбедат соодветни средства за заштита, за дезинфекција. И второ, во тие народни кујни да им се обезбеди на некој начин можност барем за оние основни егзистенцијални катадневни потреби. Тоа е таа национална стратегија за која што со години зборувам за таа категорија деца од улица да се направат соодветни центри каде што може да се згрижат но и соодветна нивна регистрација”, вели социологот Татјана Стојаноска Иванова.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека постојано ја следат состојбата со децата на улица и дејствуваат согласно зголемениот број на деца кои питачат.

“Согласно политиките на Министерството за труд и социјална политика  предвидено е  проширување на мрежата на социјални  услуги кои се однесуваат на  децата во ризик. Во завршна фаза е и интервентен центар за овие деца – Центар за минувачи кој ќе обезбеди краткорочно згрижување на овие деца со 24 часовна грижа.

На ниво на град Скопје моментално функционираат два  дневни центри  кои на децата од ризик им пружаат дневни услуги како исхрана, поддршка во личната хигиена,  учење на животни вештини, подготовка за воспитно образовниот процес. Истовремено, во овие дневни центри се работи и со родителите на овие деца со цел социјална интеграција во средината каде што живеат”, информираат од Министерството за труд и социјална политика.

 

ГОДИНА

БРОЈ НА ДЕЦА НА УЛИЦА

НОВОЕВИДЕНТИРАНИ

 

ВКУПНО

2017

14

45

59

2018

24

35

59

2019

17

232

249

2020

145

37

182